Marija Marija Marija

🥘 Грчка мусака (без месо) 🥘

грчка мусака - Хедер
грчка мусака

Еве, конечно стигнав да го напишам рецептот за мојата верзија на грчка мусака (без месо). Иако со две модификации, сепак е навистина превкусна и одличен оброк за целото семејство! Кои се модификациите? Прво, класичната грчка мусака се прави со рагу од мелено месо – што во мојот случај беше заменето со црвен грав, тофу, печурки и мелени ореви. Второ, класичната грчка мусака се прави со дебел слој бешамел сос, којшто јас го заменив со пире од компири за уште побогат (и поздрав) вкус!

И, иако веќе имам објавено рецепт за една мусака, оваа е поинаква и дефинитивно многу вкусна!

Бидете креативни со полнењето

Основата ми е секогаш иста – дебел слој од модри патлиџани. Но филот, односно рагуто може да ви биде различно:

  • Печурки и доматен сос,
  • Печурки и мелени ореви,
  • Печурки, мелени ореви и црвен грав,
  • Соја парчиња и печурки,
  • Леќа и доматен сос,
  • Тофу и доматен сос…

Буквално можете да ги пробате сите варијанти додека да ја најдете онаа што најмногу ви се допаѓа! Јас до сега ја правев 4 пати и секој пат е различна. Еднаш ја правев со печурки и леќа, еднаш само со печурки, еднаш со печурки и грав и еднаш со печурки и тофу. Овој рецепт е со печурки и тофу, но слободно ставете што ви душа сака…

грчка мусака

Зошто не бешамел?

Јас генерално се трудам да избегнувам бешамел сос – не само поради тоа што не може да се направи растителен бешамел, може. Но пред се поради поголемото количество на калории што бешамелот ги состои.

Варениот компир, од друга страна, иако од секогаш го бие лош глас (дека јаглехидрат), е всушност многу нискокалоричен. Во 100 гр. варен компир има 87 калории и 77% вода! Ве најадува но не ве гои, наспроти популарното мислење дека компирите дебелеат. Дебелеат да, ако се дупло пржени, со неколку преливи, кечап и мајонез, стопен кашкавал и слично.

Во овој случај, варениот компир ми е супер опција, помалку масти а подеднакво вкусен!

Овој рецепт е за 4 порции, и една порција со само 403 калории (а најадува супер!)

Како да ја направите оваа грчка мусака (без месо)

Подготовката е лесна, но ќе ви биде потребно малку време, поради грилувањето на модриот патлиџан и варењето на компирот. Она што треба да го направите е тенко да го исечете модриот патлиџан на кришки, да го запечете на грил тава додека да омекне и да го наредите за да си го направите првиот слој. Потоа си го правите филот, го редите врз модрите патлиџани и на крај го ставате пирето од компири. Печете и тоа е тоа. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате најдолу во овој пост, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Еве уште еден рецепт за сите фанови на мусака! Овој пат во грчки стил, само малку поздрава варијанта и секако - без месо. Многу е вкусна (одобрена од бебе) и многу лесно може да се модификува - па затоа и те охрабрувам да ја направиш. Секако, доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥘 Грчка Мусака (без месо) 🥘

Време на подготовка30 minutes
Време на готвење1 hour

Состојки

Прв слој

  • 4 средни Модри патлиџани

Втор слој

  • 400 гр. Печурки исецкани
  • 100 гр. Тофу мелени
  • 1 с.л. Доматна паста
  • 200 гр. Доматен сос
  • 3 малди Кромитчиња или 1 помал црвен кромид
  • 2 месечинки Лук
  • 1 среден Морков
  • 1 с.л. Маслиново масло
  • 2 к.л. Димена паприка
  • 2 к.л. Зеленчуков зачин
  • 1 с.л. Сенф
  • 1 к.л. Сол

Трет слој

  • 400 гр. Компири
  • 1 с.л. Маслиново масло
  • ¼ шоља млеко од соја се додава постепено, за да се направи пирето. Доколку треба, може да додадете уште малку

Инструкции

  • Во поголемо тенџере на оган ставете ги компирите да се варат.
  • Модрите патлиџани исецкајте ги на тенки кришки.
  • Наредете ги на грил тава (или на обично тавче) и печете ги на тивко, неколку минути за да омекнат со капка маслиново (внимавајте да не ви загорат).
  • Омекнатите модри патлиџани наредете ги на дното на длабоко огноотпорно тавче за печење, за да добиете убава база од модри патлиџани.
  • Во подлабока тава на оган ставете маслиново, исецкан кромид, лук и исецкан морков и гответе на тивко за да омекнат.
  • Додадете ги печурките и тофуто (или друго полнење по желба) и убаво промешајте.
  • Потоа, додадете го сенфот, па доматното пире, доматниот сос и зачините и убаво промешајте.
  • Оставете да се готви додека сосот убаво да се згусне и соедини.
  • Откако убаво ќе се згусне сосот, ставете го врз модрите патлиџани.
  • Сварените компири убаво исцедете ги, ставете го маслиновото и изгмечете ги за да добиете пире.
  • Додадете го млекото за да добиете кремаста текстура и убаво промешајте.
  • Пирето ставете го како трет слој, врз сосот и убаво измазнете.
  • Тенко исецкајте еден обичен патлиџан и наредете врз пирето.
  • Тавата покријте ја со фолија и печете во претходно загреана рерна на 180, 20 минути покриена, потоа извадете ја фолијата и печете уште 20тина минути додека да се формира коричка.
  • Оставете малку да се олади пред да исечете.

Вкупно парчиња: 4
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 402,75 kcal
Протеини: 11,68 гр.
Јаглехидрати: 57,8 гр.
Масти: 9,525 гр.
Влакна: 16,95 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .