
Пред некој ден ми се пријаде гранола (изненадувачки, нели) и сфатив дека имам дури 11 различни рецепти за гранола а се уште го немам објавено рецептот за гранола со јаболка! Голема грешка што веднаш ја исправам. Но мислам дека овој пат сум на време. Септември е точно на средина, летото календарски се уште не е завршено, но сите полека почнуваме да се препуштаме кон есенскиот cozy vibe.
А токму мирисот на печено јаболко со цимет е тој што најмногу потсетува на удобност, спокој и… на есен. Замисли си ја крцкавоста на овесот и јатките, споена со сладоста на јаболката и мирисот на цимет што се шири низ кујната. Секое залче од оваа гранола со јаболка е мало потсетување дека храната не е само гориво, туку и ритуал. Мал подарок за себе уште од рано наутро.
А најдоброто нешто е што нема шеќер. Затоа што знам дека потајно сакаш да си ставиш мед во чинијата во есен. Нели?



Зошто гранола со јаболка?
Мислам дека ќе се сложиш дека вкусот на јаболка со цимет буди една посебна носталгија. Те враќа на моменти кога времето тече побавно… На мирни утра или на семејни оброци. Оваа гранола со јаболка е повеќе од рецепт. Таа е симбол на баланс меѓу здравјето и уживањето, меѓу храната што го негува телото и вкусовите што ја греат душата.
Многу е вкусна, и е суперздрава! А како што кажав и погоре не користев засладувач така што нема шеќер. Па, блажината ќе зависи комплетно од јаболките што ќе ги употребиш. Јас користев црени јаболчиња, но можепш да употребиш какви имаш. Секако, можеш да го адаптираш рецептот и да додадеш и засладувач по желба.
Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка, го имате подолу во овој пост, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels




Гранола и одржување на тежината
Гранолите генерално (особено купечките) се прилично калорични и преполни со додадени шеќери. Поради калориската вредност што ја има, гранолата се препорачува да се јаде по 1-2 лажици. Имајте предвид дека и домашните граноли иако се поздрави од купечките се пак се калорични, бидејќи употребувате многу јатки кои сами по себе се калорични.
Иако оваа гранола со јаболка е повеќе ориентирана на семки, сепак е доста калорична. Во оваа гранола со јаболка, од јатки употребив само пекани (јас ги обожувам, но можете да ги замените со ореви). Пеканите (и оревите) и даваат посебен вкус, особено во комбинација со јаболка. Остатокот од енергијата доаѓа од семки од тиква, сончоглед, чиа и ленено семе. Комбинација што носи растителни протеини, корисни влакна и здрави масти што заситуваат подолго. Овесните снегулки додаваат стабилна енергија и помагаат да се одржи рамномерно ниво на шеќер во крвта. Ова значи дека нема нагли падови и напади на глад. Така добив гранола што не е претешка, туку доста хранлива и освежителна. Сепак, мојата препорака е да го задржиш дозирањето од 2 лажици од оброк.
Полека но сигурно станувам „Марија со Тофуто“ и „Марија со Гранолите“ :) Едноставно е, многу сакам гранола и мислам дека постојано ќе експериментирам со различни вкусови и комбинации. Доколку сакаш гранола што вкусна, ароматична, нема шеќер и едноставно вика „Покриј се со меко ќебенце додека ме јадеш“, тогаш не се двоуми. Направи ја оваа гранола со јаболка. А доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍎 Гранола со Јаболка 🍎
Состојки
- 3 помали Јаболка или 2 поголеми
- 2 шољи Овесни снегулки
- ½ шоља Семки Тиква
- ½ шоља Семки Сончоглед
- ¼ шоља Чиа семе
- ¼ шоља Ленено семе
- 1 шоља Пекани, исецкани замена: Ореви
- ⅓ шоља Кокосово масло, растопено
- ½ шоља Путер од кикирики или од јатки по вкус
- 1 с.л. Цимет може и повеќе
- 1 с.л. Екстракт Ванила
Инструкции
- Јаболката излупете ги и изрендајте ги во подлабок сад.
- Додадете ги останатите состојки и убаво промешајте за се да се измеша заедно.
- * Доколку путерот од јатки не е многу течен, препорачувам да го стоплите во тенџерче на слаб оган заедно со кокосовото масло – за да можете убаво да го промешате.
- Рспоредете на тава за печење, обложена со хартија за печење и убаво распределете.
- Печете во претходно загреана рерна на 160, 12 минути, внимателно промешајте ја и печете уште 8-10 минути.
- Оставете сосем да се олади пред да ја сккладирате.
Вкупно парчиња: 40 лажици
(препорачана порција: 2 лажици)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 201,5 kcal.
Протеини: 5,25 гр.
Јаглехидрати: 9,725 гр.
Масти: 15,32 гр.
Влакна: 3,5 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .
