Гранола чашки се веројатно еден од најправените рецепти на светов (или барем на Пинтерест) а јас некако за чуди прв пат правам. Можеби затоа што гранолата секогаш ја правам посебно, не знам 🤷🏻♀️
Сепак, еве ги и моите гранола чашки, со кокосов јогурт и овошје. Одлични за појадок но и за ужина. Лесни (и за правење и за јадење) крцкави и не преблаги. Со еден збор, одлични.
Многу сакам оброци што се подготвуваат во еден сад, (океј два, со калапчето за мафини) за кратко време и се различни од вообичаените појадоци или ужини.
Инаку, овие гранола чашки можете да ги наполните и со мојот сладок протеински намаз, за повеќе протеин и подобар баланс.
Гранола чашки за појадок или ужина
Гранола сакам на 1001 начин, и мислам дека ова е добар доказ. Па овие чашки одлично се вклопуваат во листата.
Целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.
Што друго може да додадам во овие гранола чашки?
Путер од јатки или семки, суво овошје, црно чоколадо, кокос, ванила, пире од тиква… буквално што ви душа сака!
Овие гранола чашки се уште варијанта како да ја подготвиш гранолата. Едноставно наполни ги со јогурт или тофу и свежо овошје и спакувај си ги за на работа или за по пат. Ете толку едноставно! Те охрабрвам да ги направиш уште денес, бидејќи освен што се многу вкусни, се поинаков и позабавен начин за консумирање на гранола! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍧 Гранола чашки 🍧
Состојки
- 1 ½ шоља Овесни снегулки
- ¼ шоља Чиа семе
- 3 с.л. Кокосово масло
- 3 с.л. Сируп од урми или друг течен засладувач по желба
- 1 к.л. Цимет
- ½ к.л. Сол
- 200 гр. Кокосов јогурт или јогурт по вкус
- Свежо или смрзнато овошје за декорација
Инструкции
- Ставете ги сите состојки во подлабок сад и убаво измешајте.
- Намастете сад за печење мафини и ставете по 1 лажица од смесата.
- Убаво натапкајте за да добиете корпи.
- Печете во претходно загреана рерна на 170, 10 минути. Внимавајте, многу лесно горат.
- Оставете ги убаво да се изладат и потоа со врв од нож внимателно извадете ги.
- Ставете по 1 лажица јогурт и овошје по желба и послужете.
Вкупно парчиња: 12 чашки
(препорачана порција: 4 чашки)
Нутритивни вредности од порција: ** (само чашки, без полнење)
Калории: 409 kcal.
Протеини: 8,5 гр.
Јаглехидрати: 49,6 гр.
Масти: 21,7 гр.
Влакна: 10,7 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .