
Овие протеински ѓевречиња со тофу се првиот рецепт од мојот нов серијал „Дали е тофу?“, во кој тофуто се појавува таму каде што можеби најмалку го очекуваш.
Први на ред се овие едноставни протеински ѓевречиња. Идејата е прилично едноставна: само неколку состојки, малку мешање и за неполни 30 минути добиваш меки и крцкави ѓевречиња кои се одлични за појадок, ужина, па дури и за вечера.
И токму тоа ми е целта со овој серијал: да покажам дека тофуто не мора да биде „само тофу“. Понекогаш може да биде ѓеврече, десерт, сос или нешто сосема неочекувано.
Па… дали е тофу? Да! Но дали ќе погодеше дека е?
За целиот рецепт скролни надолу а кај мене на инстаграм во reels имаш и кратко видео одподготовката!



Зошто да ги направиш овие ѓевречиња со тофу?
Затоа што тофуто е одличен начин да внесеш повеќе растителни протеини во оброците, без рецептот да стане комплициран. Во овие ѓевречиња, тофуто придонесува за протеинската вредност и за меката, пријатна текстура, а притоа има неутрален вкус кој лесно се вклопува со останатите состојки.
Плус, ова е одличен рецепт за оние денови кога сакаш нешто брзо, заситувачко и вкусно, а имаш тофу во фрижидерот и сакаш да го искористиш на малку поинаков начин.
Може да ги јадеш со хумус, со мајонез од тофу, со путер од јаткасти плодови, авокадо, мојата здрава нутела, или едноставно со кој било од твоите омилени намази, кремови или додатоци.


А што добиваш со едно ѓеврече?
Едно ѓеврече содржи 14 грама протеини, 7 грама диететски влакна и 270 калории. Ова го прави одлична опција за заситувачки појадок или основа на вкусен балансиран оброк (ужина или вечера).
Комбинацијата од протеини и влакна може да придонесе за подолготрајна ситост. А, најдоброто од се е што сето тоа доаѓа во форма на вкусно, домашно ѓеврече. П.С. ова доаѓа од страстен љубител на тесто!
Наместо класично ѓеврече, со многу мала нутритивна вредност и без протеини, добиваш балансирана домашна верзија. Плус, воопшто не мора да се откажеш од она што го сакаш (ѓеврече).
Па, ако веќе имаш тофу во фрижидер, ова е твојот знак да го искористиш.
Да, тофу е!
Ако си љубител на ѓевречиња, но сакаш малку поинаква, поздрава, побалансирана и протеинска опција, овие ѓевречиња со тофу дефинитивно вреди да ги пробаш. И секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🥯 Ѓевречиња со Тофу 🥯
Ingredients
- 2 шољи Овесно брашно (мелени овесни снегулки) доколку смесата е многу течна, додади уште малце
- 2 к.л. Прашок за печиво
- ¼ к.л. Сода Бикарбона
- 1 с.л. Кафеав шеќер
- 300 гр. Свилено тофу едно пакување
- 1 с.л. растително млеко
Instructions
- Изблендај го тофуто со млекото додека да добиеш течна смеса.
- Во длабок сад измешај ги останатите состојки и додај го тофуто.
- Внимателно мешај додека смесата да се соедини и остави 10тина минути да упие.
- Доколку тестото е многу меко, додади уште малце брашно.
- Со влажни раце формирај топка, исечи ја на 4 делови.
- Или формирај топка и направи дупка во средина, или иссукај змија и формирај ѓеврече.
- Премачкај со растително млеко и маслиново масло и нароси сусам или семки по вкус.
- Печи 20 инути, во претходно загреана рерна на 20 (проверувај ги).
- Остави ги малку да се оладат пред да ги пресечеш.
Вкупно парчиња: 4 ѓевречиња
(препорачана порција: 1 или 2 ѓевречиња
Нутритивни вредности од ѓеврече:
Калории: 276 kcal
Протеини: 13.9 гр.
Јаглехидрати: 36.6 гр.
Масти: 5.7 гр.
Влакна: 6.9 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .
