
Овие двослојни барови се еден прастар рецепт, за којшто бев убедена дека го имам на сајт. Тргнав да го правам за Каи особено среќна што нема да морам да пишувам и објавувам пост кога сфатив дека го немам објавено. Несакајќи си отворив работа. Но, вредеше, затоа што овие двослојни барови се навистина многу вкусни (потврдено од повеќе дегустатори). Како и сите мои барови, така и овие двослојни барови се прават многу лесно и ви треба само процесор за храна и плехче.
Природно се засладени, со урми и црно чоколадо и имаат многу богат вкус на јатки (ореви, лешници и кикирики).
Но, иако се навистина многу вкусни, сепак да предупредам сека се вистинска енергетска бомба, односно едно барче има 103 калории и 3 грама протеин, па добро е да внимавате колку ќе изедете. Да не биде не сум кажала.
Како да си ги направите овие двослојни барови
Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels. Инаку генерално. елесно. Правите прв слој во процесор, па во фрижидер. Правите втор слој во истиот процесор, ставате врз првиот, па во фрижидер. Топите чоколадо, ставате врз вториот слој и пак во фрижидер.
Пред да ги јадете, извадете ги од замрзнувач и ставете ги малку во фрижидер, за да се отпуштат. Направете си топло кафе и опуштете се во топло-ладно уживање.
И како и секогаш, скролнете надолу за целиот рецепт…





Слоеви што хранат и радуваат
Јас мислам дека има нешто магично во едноставните состојки што, кога правилно ќе се спојат, резултираат со нешто што не е само вкусно туку и хранливо.
Овие двослојни барови прв пат ги направив во 2020 и од тогаш често ги правам. Супер се за во деновите кога сакаш нешто благо, но не премногу тешко. Кога ти треба енергија, ама и момент за себе. Првиот слој е оној „земјен“, богат, полн со јатки што крцкаат и заситуваат. Вториот е мек, нежен, како мала награда одозгора што го заокружува секој залак.
Ова не се само барови. Ова е мал ритуал. Потсетник дека грижата за себе може да биде едноставна, вкусна и направена дома.
Инаку, од оваа доза мене ми излегоа 30 мали барчиња што се сосем доволно за заблажување и заситување. Вие можете да ги направите во големината што вам ви одговара, но тоа секако ќе ја примени калориската вредност засметана на крајот од овој пост.
Овие двослојни барови се еден од оние десерти што едноставно мора да ги направиш барем еднаш. Чисто од љубопитност. Чисто за проба. За после, не коментирам :) Навистина се многу вкусни и се прават многу брзо и лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🌰 Двослојни барови 🌰
Oпрема
- процесор за храна
Состојки
Прв Слој
- 1 шоља Ореви печени
- 1 шоља Лешници печени
- 1 шоља Урми (6 големи) накиснати во вода, 10тина мин
- 20 гр. Црно чоколадо над 70%
- 1 с.л. Ванила екстракт
- ½ шоља Какао
- прстофат Сол
Втор Слој
- 1 шоља Урми (6 големи) накиснати во вода, 10тина мин
- ½ шоља Путер од кикирики
- ½ шоља Кикирики – печени и излупени
- прстофат Сол
- малку од водата во која се киснеа урмите додавај постепено по малце
Стопено чокаладо за од горе
- 50 гр. Црно чоколадо
- 1 к.л. Кокосово масло за топење
Инструкции
- За првиот слој, запечи ги оревите и лешниците 10тина минути, за да пуштат сопствено масло (но да не изгорат).
- За тоа време, урмите накисни ги во топла вода. ДОколку се многу суви, треба да киснат подолго.
- Во процесор стави ги сите состојки и белндај додека да добиеш еднолична смеса. Доколку смесата е многу сува, додади малце од водата во која се киснеа урмите.
- Тестото стави го во тавче обложено со хартија за печење (за полесно вадење) или пак во силиконски калап, убаво натапкај го рамномерно, и стави го во фрижидер.
- За вториот слој, исто така накисни ги урмите, стави ги во процесор со останатите состојки (кикириките сосем на крај) и блендај додека да добиеш леплива смеса. Постепено додавај од водата од урмите за да добиеш смеса налик карамел.
- Вториот слој стави го врз првиот и врати го во фрижидер.
- Растопи чоколадо со малку кокосово масло и прелиј од горе. Остави да се олади и пресечи и послужи.
Вкупно парчиња: 30 помали парчиња
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 102,75 kcal
Протеини: 2,99 гр.
Јаглехидрати: 4,44 гр.
Масти: 8,52 гр.
Влакна: 1,55 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

