Чизкејк со путер од кикирики сакам да направам подолго време. Но, по некоја случајност секогаш го занемарувам, и завршувам со овошни вкусови. Па така биднаа чизкејкот со малина, па чизкејкот со лимон, па мача чизкејкот, орео, чоколадо и портокал (што се уште чекаат да бидат објавени)… Еве сега, конечно решив дека нема да одолговлекувам и ќе го направам овој кремаст десерт, и тоа како за почеток на новата 2023 година!
Залак што ве носи до кикирики рајот
Можеби затоа што сум ЕПТЕН фан на путер од кикирики, па овој чизкејк со путер од кикирики мене ми беше нежна, декадентна експлозија од вкус!
Освен што нема глутен и е природно засладен со урми, овој чизкејк со путер од кикирики има кремаста база со нота на карамела и многу, ама многу кремаст и сочен фил.
Плус, освен што е неверојатно вкусен, сите состојки се целосни и добри за вас! Полн е со здрави масти, од оние што ви се потребни во исхраната.
Мојот омилен путер од кикирики
Недоброј пати имам кажано, но пак ќе повторам. За мене, најдобар путер од кикирики е дефинитивно Crux. не само затоа што е природен, без додатоци и вистински кремаст. Туку има специфичен и длабок вкус на кикирики, како што ретко кој путер има. (**отвара тегла и си сркнува лажиче**)
Како да го направите овој чизкејк со путер од кикирики
Иако веганските чизкејк торти ги бие глас дека се прават долго, сепак јас не се сложувам. Овој чизкејк (како и повеќето други мои) се прави за 30тина минути. Со тоа што, наместо да го печете, треба да го ставите во замрзнувач убаво да се стегне.
За да го направите, потребен ви е само процесор за храна што ќе може убаво да ги сомеле индиските ореви и да ги претвори во оваа кремаста магија.
Инаку, ова е мојот прв десерт за 2023 и мислам дека супер ја почнав годината. Доколку сакате малку повеќе блажина, можете да додадете некој засладувач, но според мене ова е идеален вкус и не треба ништо повеќе!
Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
Мислам дека нема потреба да набројувам уште причини зошто треба да го направите. Однсоно, единствена причина да не го направите е доколку сте алергични на кикирики (жалам). Во спротивно, станете и накиснете си индиски ореви…
Доколку си љубител на путер од кикирики и на чизкејк - тогаш оваа комбинација е совршена за тебе. Нема да објаснувам зошто мораш да ја пробаш, само ќе те охрабрам да ја направиш уште веднаш . Доколку го направиш мојот чизкејк со путер од кикирики, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍰 Чизкејк со путер од кикирики 🍰
Oпрема
- процесор за храна
- тавче со дно што се вади
Состојки
База
- 1 шоља мелени ореви
- 1 шоља свежи урми, без семка накиснети во врела вода 10 минути, исцедени
- 2 с.л. коскос
- 2 с.л. какао може и повеќе за по чоколаден вкус
- 2 с.л. Путер од кикирики
- 2 с.л. кокосово масло
- ½ шоља овесни снегулки
Фил
- 1 шоља индиски ореви накиснети во врела вода преку ноќ, исцедени
- 1 конзерва кокосов крем претходно отстоена во фрижидер
- 1 ½ шоља путер од кикрикики
- 3 свежи урми без семка
Инструкции
- Во процесор за храна ставете ги сите состојки за базата и мелето дедека да добиете единечно, лепливо тесто.
- Натапкајте ја базата на дното на тавче за чизкејк и ставете во фрижидер да се стегне додека го правите кремот.
- Во процесор за храна, ставете ги состојките за филот и блендајте додека да добиете кремаста смеса. Може да трае подолго, и да треба да ги поминете со шпатула по ѕидовите на блендерот за да ја соедините смесата.
- Истурете го филот врз базата, натапкајте и ставете во замрзнувач неколку часови, или идеално преку ноќ.
- Пред да послужите, оставете ја неколку минути на собна температура да се отпушти.
Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка **** Времето на печење многу зависи од рерната. Погледнувајте ги по 15 минути печење.
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .