Marija Marija Marija

Ужина

🍫 Барови од Амарант и Киноа 🍫

Барови од амарант и киноа - Хедер

Од Инките, Маите и Ацтеките до лесен и здрав десерт

Овие барови од амарант и киноа ги правам години наназад, бидејќи се прават лесно, многу се здрави и вкусни и немаат никаков додаден шеќер. Инаку, киноата и амарантот, наспроти популарното мислење дека се „модерни супер-храни“ всушност се семиња со долга древна историја. Еве и зошто. Амарантот бил една од основните храни во древните цивилизации на Инките, маите и Ацтеките. Инаку, самото име потекнува од грчкиот збор „амарантос“, што значи „оној што не вене“, а цветот амарант се сметал за симбол на бесмртноста во Античка Грција.

Всушност амарантот е група од повеќе од 60 различни видови зрна кои се одгледуваат околу 8.000 години. Се класифицира како „псевдожитарка“, што значи дека технички не е зрно од житарки како пченица или овес, но содржи сличен сет на хранливи материи и се користи на слични начини.

Нема глутен, богат е со диететски влакна, железо, манган, магнезиум и фосфор и ги содржи сите есенцијални аминокиселини што го прави комплетен протеин. Содржи антиоксиданси, ја намалува инфламацијата, го намалува нивото на холестерол и може да помогне во процесот на губење на тежината.

Сето ова го прави амарантот житарка којашто треба да ја консумираме често пред се поради придобивките а и поради тоа што сеподготвува лесно и едноставно.

Амарант vs. Киноа

Киноата датира отприлика од сличен период во историјата како амарантот. За киноата се верува дека првпат била одгледувана пред околу 5.000 години на езерото Титикака на границата со Боливија и Перу. Инките го прогласиле ова семе за свето, нарекувајќи го како „мајка на сите житарки“. Традиционално, царот на Инките би бил тој што ќе го посее првото семе од сезоната користејќи „златни орудија“. И историски и нутритивно овие две „псевдожитарки“ што всушност се семиња, имаат многу сличен профил.

КалорииПротеиниМастиЈаглехидратиВлакнаЖелезоМагнезиумКалиум
Амарант1023,8 гр.1,6 гр.16,6 гр.2,1 гр.2,1 мг.65 мг.135 мг.
Киноа1204,4 гр.1,9 гр.18,5 гр.2,8 гр.1,49 мг.64 мг.172 мг.
* на 100 гр зготвени

Амарантот има помалку калории, јаглехидрати и масти на 100 гр, (што е супер доколку треба да сте во калориски дефицит). Исто така, содржи поголема количина на железо што е од витално значење за производството на црвени крвни зрнца кои помагаат во пренесувањето на кислородот низ телото. Киноата, пак, обезбедува малку повеќе протеини на 100 грама, но е покалорична. Содржината на влакна може да помогне да се чувствувате сити подолго и за среќа двете житарки содржат приближна количина на диететски влакна.

Како да ги направите моите барови од амарант и киноа?

Убаво погодивте – ЛЕСНО! 🤣 Нели, како и сите мои десерти (и останати јадења) така и овие барови од амарант и киноа се прават за 10-тина минути. Најмногу време одзема пукањето на амарантот (но, можете да си го испукате од вечер). А сепак, најдолго време ќе ви помине во чекање да се стврднат за да можете да ги пробате. Житарките, во комбинација со антиоксидансите од какаото и црното чоколадо (доколку користите) и здравите масти од путерот од јатки, ем ќе го израдуваат вашиот организам ем ќе ви ги задоволат потребите за благо, без притоа да имате грижа на совест (сепак, не ги јадете сите одеднаш 🤣🤣).

Доколку сакате да се задржите само на семиња (да не употребите јатки) можете путерот од јатки да го замените со путер од сончоглед или путер од тиква (се прават подеднакво лесно како и путерите од јатки).

Барови од Амарант и Киноа

Засладувач не ви треба и мојот совет е да не употребите. Аромата на ванила можете да ја замените со арома од бадем или рум за да добиете малку „појак“ шмек, или комплетно да ја изоствите.

Крцкави и суптилно слатки, овие барови од амарант и киноа можат да бидат вашата ужина или десерт а дури можете да ги здробите во јогуртот за појадок (доколку немате гранола.). Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а кратко видео имате и кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш здрав, вкусен и крцкав десерт или ужина, еве ти прилика да ги направиш барови од амарант и киноа. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина лесно и брзо. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Барови од Амарант и Киноа 🍫 Read More »

🧁 Мафини со јапонски јаболки и кокос 🧁

мафини со јапонски јаболки - Хедер

Мафини со јапонски јаболки, или уште еден во серијата рецепти со јапонски јаболки, затоа што добив многу пораки дека имате во изобилие и дека немате идеја што да им правите. Прво и најважно – јадете ги свежи. Јапоснките јаболки имаат толку многу придобивки за вашето здравје, што секогаш првенствено треба да се јадат свежи. А потоа, направете ги овие мафини, чоколаден пудинг, или пак моето лепче.

Комбинација јапонски јаболки и кокос

Експериментот по мој вкус излезе успешен. Вкусот на кокосот и јапонските јаболки добро ли „легнаа“ еден со друг и овие мафини со јапонски јаболки излегоа навистина превкусни.

Се прават многу лесно и минимално се засладени (со сируп од урми) но секако, засладувачот можете сосем да го изоставите за уште поздрава варијанта.

Она што препорачувам да не го изоставувате е путерот од лешник, затоа што дава дополнителна сочност на мафините а и суптилен лешник вкус. Јас ставив само 1 лажица, но слободно можете да додадете и 2.

And just like that, имате 4 идеи што да правите со јапонските јаболка оваа сезона. Сакате уште идеи? Оставете ми коментар…

mafini so japonski jabolki

Зошто треба да ги направите овие мафини со јапонски јаболки?

И покрај тоа што набројав неколку причини зошто, еве уште неколку:

😋 Лесно се прават, вкусни се и имаат одлични состојки.
😍 Јапонските јаболки се богати со витамини, минерали и антиоксиданси, и можат многу позитивно да влијаат на вашето здравје, целокупниот имунолошки систем.
😳 Исто така, го подобруваат здравјето на срцето и очите.
🤩 Плус, богати се со растворливи диететски влакна, кои го забавуваат варењето на јаглехидратите, спречувајќи скокови на шеќерот во крвта.

Инаку, целиот рецепт за моите мафини со јапонски јаболки е подолу 👇🏻 а кај мене на инстаграм во reels е и кратко, задолжително видевце. Подготовката е навистина многу лесна (и во еден сад) па сметав дека нема потреба да ја снимам целата.

Доколку имате јапонски јаболки, прво направете си го лепчето, а потоа и овие мафини! Превкусни се, (особено ако сте љубител на кокос) и, секако, многу здрави. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧁 Мафини со јапонски јаболки и кокос 🧁 Read More »

🥐 Вегански Кроасани 🥐

Овие вегански кроасани се еден мој постар рецепт што до сега не ми беше објавен на сајт. Зошто – ни замата не знам. Но, се си има своја причина, па така еве им дојде редот.

Океј, овие вегански кроасани не се класични кроасани со путер, но се далеку поздрава опција со целосни состојки. Посни се, крцкави од надвор и меки и сочни внатре и одлично одат со кафе или чај.

Можете да ги јадете за појадок, ужина па дури и вечера. А мирисот на цимет ќе ви го исполни домот додека се печат.

Мене ми се супер опција во есенските и зимските денови – иако признавам, знам да си ги направам и во лето 🫢

вегански кроасани
вегански кроасани

Играјте си со полнењето

Јас до сега ги имам правено во најразлични варијации и полнења: со црно чоколадо, со домашна нутела, со чиа џем, со чоколаден крем, со замрзнати боровинки – и во сите комбинации излегуваа превкусни! Последно, овие вегански кроасани ги направив со Mama’s Food какао кремот од тиква и повторно беа превкусни.

Инаку, пишувајќи го овој пост, сфатив дека истото тесто може да се направи и во форма на штрудла, па ќе пробам следен пат да ги наполнам со смеса од суво овошје, за бадник! Мислам дека ќе бидат полн погодок.

Секако, доколку пробате некоја друга варијанта пред мене, оставете ми коментар со импресии.

Како да ги направите овие вегански кроасани?

Како што би правеле и кифлички, само без путер, без јајца, без масло. Всушност – многу полесно од традиционален кроасан, којшто да бидеме реални – се прави многу тешко. Па така, доколку сакате едноставна а здрава варијанта – ова е тоа. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels.

Доколку се уште ги немаш пробано и направено моите вегански кроасани, еве прилика. Те охрабрувам, бидејќи се прават прилично лесно, здрави се и многу вкусна. Плус, можете да си играте со полнењето и секој пат да добиете различен вкус! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥐 Вегански Кроасани 🥐 Read More »

🫘 Најздравиот брз десерт 🫘

Најздравиот брз десерт - Хедер

Без преувеличување – ова е најздравиот брз десерт што дефинитивно можете (и треба) да си го направите. Има вкупно 5 состојки + црно чоколадо што е опционално, но секако, препопрачливо. Затоа што – животот нема смисла без црно чоколадо, нели?

Инаку, ова меко и сочно колаче е природно засладено само со урми, додека останатите состојки се 3 од 6-те најздрави семиња што треба да ги консумирате.

Семки од тиква

освен што се одличен извор на растителен протеин, семките од тиква се богати со витамини и минерали како манган и витамин К, коишто играат важна улога во процесот на заздравување на раните. Исто така содржат цинк, минерал кој му помага на имунолошкиот систем да се бори против бактериите и вирусите. Семките од тиква се исто така одличен извор на: Фосфор, Магнезиум, Железо, Калиум, Бакар. Во една шоља семки од тиква има 285 калории, 12 гр. протеини, 36 гр. јаглехидрати, 12 гр. диететски влакна и 12 гр. масти.

Најздравиот брз десерт

Семки сончоглед

Семките од сончоглед, освен што се многу вкусни, се и многу здрави. Придонесуваат во намалување на ризикот од развој на болести како висок крвен притисок или срцеви заболувања. Содржат хранливи материи што го подобруваат имунолошкиот систем и го зголемуваат нивото на енергија. Генерално, семките сончоглед можат да помогнат во намалување на воспалението, подобрување на здравјето на срцето, поддршка на имунолошкиот систем, зголемување на нивото на енергија. Исто така, се и одличен извор на: Витамин Е Витамин Б1 Витамин Б6 Железо Бакар Селен Манган Цинк Калиум.

Ленено семе

Доколку ја читате содржината на мојот сајт или пак доколку го следите мојот инстаграм профил, веќе знаете дека ленено семе користам многу често. И за тоа, имам неколку причини.

najzdraviot brz desert

Лененото семе значително го подобрува здравјето на дигестивниот систем, а може да помогне и при ублажување на констипацијата. Може да помогне и во намалување на вкупниот холестерол во крвта и нивото на липопротеини со ниска густина (ЛДЛ, или „лош“), што може да помогне и придонесе во намалување на ризикот од срцеви заболувања.

Јас од ленено семе правам сешто – пудинг за појадок, лепче, тако тортиљи, го ставам во крекери но и како замена за јајце во многу други рецепти.

Инаку, здравствените придобивки од лененото семе произлегуваат од фактот дека изобилува со влакна и омега-3 масни киселини, како и фитохемикалии наречени лигнани. Една лажица (7 грама) мелено ленено семе содржи 2 грама полинезаситени масни киселини (вклучува омега 3), 2 грама диетални влакна и 37 калории.

И тоа се состојките на најздравиот брз десерт (што можеби требаше да го крстам барови со семки, но ми текна откако го напишав цел текст) 😆

Го заслужува името најздравиот брз десерт

Сега, кога ги имате сите овие информации, мислам дека може да се сложите дека ова е еден од најздравите десерти што можете да ги приготвите. Се прави во процесор за храна, брзо и едноставно и стои во фрижидер неколку денови. Повеќе убедување не ви треба, нели? Чекам коментари! Целиот рецепт го имате во рецептот подолу, а начинот на подготовка во кратко видео кај мене во reels на инстаграм.

Доколку сакаш брз и здрав десерт, тогаш ова е дефинитивно знакот да го направиш најздравиот брз десерт. Освен што се прави лесно, МНОГУ е здраво е и навистина превкусно! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Најздравиот брз десерт 🫘 Read More »

🍩 Крофни со тиква 🍩

крофни со тиква - Хедер
крофна

Овие крофни со тиква се првите крофни што ги правам, а причината е едноставна – немав калапче 🥹 Е сега, откако си набавив, животот е многу полесен… Мала шала, супер кај овие крофни со тиква е што можат да бидат обично колаче (доколку немате калап за крофни) или пак да ги ставите со калап за мафини. Фунцкионираат секако. Плус, се прават во еден сад, многу лесно и едноставно и се супер здрави. Секако, се печат и се готови за 30 минути од почеток до крај (со ладење).

Домот ќе ви мириса на божиќ

Иако „празничната сезона“ се уште не е почната, мене еуфоријата почнува да ме фаќа уште на почетокот на Ноември. Па денес кога ги направив овие крофни од тиква, целиот дом ми замириса толку убаво што се бочувствував како да е божиќно утро а не обична сабота во ран Ноември…

Тиква сега и засекогаш

Веќе знаете дека тиква сакам многу и додека е во сезона максимално ќе ги искористам сите нејзини бенефити и ќе направам многу рецепти. Доколку ви треба инспирација, како и повеќе информации за позитивното влијание што тиквата ги има за нашето здравје, разгледајте некои од моите останати рецепти со тиква:

Како да ги направите овие крофни со тиква

Имаат вкупно 9 состојки и се прават во еден сад. Се печат (не се пржат) и од почеток до крај ќе ви требаат 30 минути. Целиот рецепт го имате подолу во постов, а видео со начинот на подготовка имате и кај мене на инстаграм во reels.

Декорирајте ги по желба

Мојата декорација беше едноставна, многу малку сируп од урми и кокос. Одлично одат и со путер од лежник, а можете да ги прелиете со црно чоколадо и мрвки (доколку имате мали јадачи што сакаат шарени крофни). Не пробав, но сигурна сум дека можете да ги наполните со џем или чоколадо, доколку имате шриц за полнење. Во секој случај, како и да ги декорирате и послужите, овие крофни со тиква се полн погодок!

крофни со тиква
Доколку си љубител на крофни, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш моите крофни со тиква. Печени се, здрави и многу вкусни. Плус, готови за 30 минути. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍩 Крофни со тиква 🍩 Read More »

🥜 Чашки со путер од кикирики 🥜

чашки со путер од кикирики - Хедер
Чашки со путер од кикирики

Мислам дека мојата опсесија со путер од кикирики веќе е добро позната, па така овие чашки со путер од кикирики се еден од оние брзи и лесни десерти што ми ја полни душата и ми ја дава целата енергија на светот.

Здрави се, природно засладени со урми, богати со Омега-3 здрави масти, и со само 4 состојки.

🌰 Ореви – богати со железо, калциум, калиум, магнезиум, фолат, и омега 3 масни киселини. Можат да помогнат во намалување на холестеротол, намалување на инфламацијата и ризикот од срцеви заболувања.

🍮 Урми – богати со антиоксиданси и диететски влакна, го подобруваат здравјето на дигестивниот систем и зајакнување на коските. Особено се корисни за време на бременоста, бидејќи помагаат во природно породување.

🍫 Какао – богато со флавоноиди – нутриенти што помагаат при намалување на крвниот притисок, ја подобруваат циркулацијата на крвта до срцето и мозокот и помагаат во спречување на згрутчувањето на крвта.

🥜 Путер од кикирики – богат со витамин Е и Б витамини, но и антиоксиданси и омега-6 масни киселини. Може да помогне при кардиоваскуларни заболувања и помага во спречување на дијабет.

Десерт или енергетска бомба

И двете! Овие чашки со путер од кикирики ем ќе ве заблажат (иако се природно засладени) ем ќе ви ја дадат потребната енергија, поради тоа што се богати со јатки и урми. Сепак, колку и да ви се вкусни, препорачувам да јадете само по едно, бидејќи иако се здрави, сепак се доста калорични – а ова е особено важно доколку внимавате на внесот на калории. За сите вас коишто сакате да качите некое кило – овие чашки со путер од кикирики се совршени за вас! Кога сме кај путер од кикирики, веќе знаете дека мојот избор е секогаш CRUX!

Како да ги направите овие чашки со путер од кикирики?

Во три едноставни чекори:

  1. Ги мешате сите состојки во блендер додека да добиете еднолична смеса (тесто)
  2. Ја натапкувате смесата (тестото) во тавче за мафини и правите вдлабнување со лажичка
  3. Ги полните со по 1 лажиче путер од кикирики

Пред да ги пробате, задолжително оставете ги во фрижидер да се стврднат. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу а можете да го погледнете и видеото во reels кај мене на инстаграм.

По желба, можете да им ставите и растопено чоколадо или (како во мојот случај) од мојот чоколаден сос.

Чашки со путер од кикирики
Доколку сакаш малку поздрав десерт што нема додаден шеќер а ти дава многу енергија, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш овие чашки со путер од кикирики. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина лесно и брзо (и забавно). Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥜 Чашки со путер од кикирики 🥜 Read More »

🧁 Мафини од тиква 🧁

Мафини од тиква - Хедер

Добредојде есен, тиква (pumpkin spice and everything nice) и добредојде на овие мафини од тиква.

Не сум сигурна зошто, но колку и да го сакаме летото сите некако потајно чекаме да дојде есен, да ни шушкаат суви листови под нозе, да уживаме во златно-жолтите и кафени бои и… да вклучиме рерна и да почнеме да правиме се од тиква.

Иако е веќе втора половина на Октомври и можеби доцнам со рецептите од тиква, сепак, мислам дека е ред да почнеме… Први на ред се овие мафини од тиква. Имаат 9 состојки, се прават во еден сад за 5 минути (ако не го сметаме печењето на тиквата) и се печат за 20 минути. Одлични се за појадок, ужина и дури и лесна вечера. Може да ги искомбинирате со свежо или замрзнато овошје, путер од јатки или семки или јогурт по вкус.

Зошто е добро да јадеме тиква?

Бета каротен: како и повеќето портокалови роднини (морковот и слаткиот компир), тиквите се богати со бета каротен. Во телото овој антиоксиданс се менува во витамин А – витамин инаку потребен за подобрување на видот, за заштита од бактерии како и за вашиот репродуктивен систем да работи како што треба.

Мафини од тиква

Исто така, им помага на срцето, белите дробови, бубрезите и на многу други органи да останат здрави. Само една шоља тиква може да обезбеди 200% од препорачаниот дневен внес на витамин А – а со тоа, очите ќе ви бидат благодарни, бидејќи Витаминот А помага за нивното здравје и да гледате појасно, особено во услови на слаба осветленост.

Подобрување на имунитетот: освен бета каротен, тиквата содржи и витамин Ц, витамин Е, железо и фолат – се што ќе помогне да го зајакнете вашиот имунолошки систем. Консумирањето повеќе тиква во вашата дневна исхрана може да им помогне на вашите имунолошки клетки да работат подобро за да ги заштитат бактериите и да го забрзаат заздравувањето на раните (доколку имате).

Намалување на холестеролот и крвниот притосок: тиквата е исто така преполна со калиум. Калиумот игра клучна улога за намалување на крвниот притисок. Исто така, тиквата (и семките од тиква) се преполни со минерали што го зголемуваат нивото на HDL холестеролот („добриот“ вид) и помагаат да се намали нивото на крвниот притисок.

Моите мафини од тиква

Овен што е здрава и што носи топло чувство на удобност на есента, тиквата е и МНОГУ вкусна. Плус, можете да ја консумирате на 101 начин. Испечете ја и јадете ја како десерт, направете чорба, направете лепче/колаче, бомбици или пак овие мафини! Која комбинација и да ја одберете, нема да погрешите, напротив, телото ќе ви биде благодарно!

mafini od tikva
Мафини од тиква

Најдобро од се е што мафиниве се минимално природно засладени со сируп од урми, но засладувачот можете комплетно да го изоставите или пак да го замените со кокосов шеќер или засладувач по ваша желба. Јас користев овесно брашно, но можете да употребите спелт, хељда, па дури и бело. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу и во reels кај мене на инстаграм.

Доколку се уште ги немаш направено овие мафини од тиква, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се превкусни и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧁 Мафини од тиква 🧁 Read More »

🍧 Гранола чашки 🍧

гранола чашки - Хедер

Гранола чашки се веројатно еден од најправените рецепти на светов (или барем на Пинтерест) а јас некако за чуди прв пат правам. Можеби затоа што гранолата секогаш ја правам посебно, не знам 🤷🏻‍♀️

Сепак, еве ги и моите гранола чашки, со кокосов јогурт и овошје. Одлични за појадок но и за ужина. Лесни (и за правење и за јадење) крцкави и не преблаги. Со еден збор, одлични.

Многу сакам оброци што се подготвуваат во еден сад, (океј два, со калапчето за мафини) за кратко време и се различни од вообичаените појадоци или ужини.

Инаку, овие гранола чашки можете да ги наполните и со мојот сладок протеински намаз, за повеќе протеин и подобар баланс.

гранола чашки
granola chaski

Гранола чашки за појадок или ужина

Гранола сакам на 1001 начин, и мислам дека ова е добар доказ. Па овие чашки одлично се вклопуваат во листата.

Целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.

Што друго може да додадам во овие гранола чашки?

Путер од јатки или семки, суво овошје, црно чоколадо, кокос, ванила, пире од тиква… буквално што ви душа сака!

Овие гранола чашки се уште варијанта како да ја подготвиш гранолата. Едноставно наполни ги со јогурт или тофу и свежо овошје и спакувај си ги за на работа или за по пат. Ете толку едноставно! Те охрабрвам да ги направиш уште денес, бидејќи освен што се многу вкусни, се поинаков и позабавен начин за консумирање на гранола! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍧 Гранола чашки 🍧 Read More »

🫔 Палачинки од Киноа 🫔

палачинки киноа - Хедер

Нека не ве буни фактот што веќе имам палачинки од киноа – овие се поинакви, тенки, француски (или crêpes). Плус, имаат помалку состојки а се подеднакво вкусни.

Веќе знаеме дека киноата се смета за супер храна, поради нејзините бенефити (маѓу кои и целосен извор на протеин, бидејќи ги обезбедува сите девет есенцијални амино киселини). Исто така, веќе знаеме дека сите палачинки од киноа се автоматски супер-палачинки, нели? Дел од бенефитите на киноата можете да ги прочитате во некои од моите претходни објави. Воедно и можете да се инспирирате што друго можете да направите од киноа. Некои од моите најчесто правени рецепти се:
🍕Пица,
🫑 Полнети пиперки,
🫐 Колаче со боровница

Знам дека многумина од вас не го сакаат вкусот на киноата – но пробајте некои од моите рецепти – нема да погрешите (плус организмот ќе ви биде благодарен).

палачинки од киноа
палачинки од киноа

Но да се вратиме на овие палачинки од киноа

Ова не можам да го повторам доволно пати – најважно од се за да ги направите е – нелепливо тавче и некаков блендер.

Киноата, како и за повеќето рецепти, прво ја киснете (најдобро преку ноќ) па ја плакнете и ја блендате заедно со другите состојки. Јас користев цимет, ванила и јаворов сируп, но можете да употребите и други состојки по вкус.

Внатре ги наполнив со мојот чоколаден сос (во малку погуста варијанта) и свежи малини а ги послужив со јогурт од бадем и уште малку свежи малини.

И тоа е тоа, целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.

Доколку не сте особен љубител на киноа, сепак ве охрабрувам да ги пробате овие палачинки од киноа. Вкусот на киноата не доминира, меки се и сочни и пред се - МНОГУ ЗДРАВИ! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🫔 Палачинки од Киноа 🫔 Read More »

🍪 Протеински Колачиња во Air-Fryer 🍪

протеински колачиња - Хедер

Брзи, лесни, вкусни и полни со протеини – такви се овие протеински колачиња. Плус се прават во Аir-Fryer и се готови за само 7 минути.

Убавината на овие колачиња (освен што се многу вкусни) е што се прават неверојатно лесно. Пожелно е да имате Аir-Fryer, но доколку немате, можете да ги печете и во рерна.

За протеински колачиња – мора протеин

Една од главните состојки на овие протеински колачиња е протеинот во прав. Јас користев чоколаден вегански протеин од грашок и тоа им даде уште повеќе шмек. Доколку немате, можете да ставите 2 лажици какао како замена, но протеинската вредност ќе биде драстично помала.

протеински колачиња
протеински колачиња

Крцкави од надвор, сочни и меки од внатре

Периодов ова е еден од моите омилени десерти од повеќе причини. Многу се вкусни, многу лесно се прават, состојките се едноставни и секогаш ги имам дома и се уште еден начин како да внесам повеќе протеин.

Плус, многу е убаво чувството кога ви се јаде благо и знаете дека тоа што го јадете освен што ќе ви ги задоволи потребите за благо, во исто време ќе задоволи и други потреби на организмот и убаво ќе го нахрани (нема да изедете празни калории и преработени шеќери).

Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и видео од целата подготовка кај мене на инстаграм во reels

Десерт без додаден шеќер

Гледајте црното чоколадо што ќе го употребите да биде барем 80%. Ако најдете, употребете и 90% – тоа е навистина горко и нема никаков шеќер. А доколку сакате можете и комплетно да го изоставите. Доколку бананата е навистина зрела (темно кафена) тогаш ќе добиете совршена блажина со нота на карамел. Сепак, ве охрабрувам да не се плашите од црното чоколадо, затоа што е одличен антиоксиданс. И на крајот на денот, животот е поубав со чоколадо во него, нели?

протеинско колаче
Доколку сакаш брз и здрав десерт полн со протеини, еве прилика да ги направиш моите протеински колашиња што се прават во air-Fryer. се прават прелесно и се супер вкусни и без додаден шеќер. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍪 Протеински Колачиња во Air-Fryer 🍪 Read More »

🥞 Палачинки со Лимон и Мак 🥞

палачинки со лимон и мак - Хедер

Ми се чинеше дека одамна немав направено палачинки, па еве едни нови, овој пат слатко-кисели, освежителни палачинки со лимон и мак!

Како и повеќето мои рецепти, така и овие палачинки со лимон и мак се прават брзо и лесно (затоа што никој не сака да поминува часови во кујна), во еден сад (затоа што никој не сака да чисти неред после готвење) и може да се комбинираат со што ви душа сака (затоа што секој сака различни комбинации за палачинки).

Јас ги јадев во комбинација со јогурт од бадем и јагоди, боровници, јаворов сируп и кора од лимон. Но одлично одат и со путер од јатки, банана и малина. Или буквално што што ви се комбинира во моментот.

Имаат само 8 состојки и доколку сте љубител на комбинацијата лимон и мак – дефинитивно треба да ги пробате!

палачинки со лимон и мак

Палачинки од лимон и мак за појадок, ужина или вечера

Бидејќи се лесни и воздушести, со едноставни состојки, можете да ги јадете за појадок, ужина или за вечера. Дури, не мора да додавате топинзи – можете да си изедете една само така, без ништо. Киселата нота на лимонот и слатката нота на јаворовиот сируп се совршено балансирани и ви ги скокоткаат непцата. А семето од афион го дава специфичниот вкус и дополнително крцкање! Дефинитивно возбудлив и нетипичен вкус на палачинки што ќе го разигра вашето секојдневие.

А тоа дека се здрави, воопшто не е ни тема на дискусија! Можете да ги направите или со овесно или со хељдино брашно и да го снабдите телото со супер енергија, протеини и диететски влакна.

палачинки со лимон и мак
палачинки со лимон и мак

Доколку ги искомбинирате со мојот сладок протеински намаз, ќе ги избалансирате уште повеќе, и ќе внесете плус протеини.

Исто така, можете да си направите и протеински јогурт со додавање на дозерка протеин од грашок во јогуртот.

Комбинации има многу, оставам на вашата имагинација да ги пробате сите и секако, да споделите импресии, идеи, иновации!

(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче. 

Доколку недела е ден за палачинки, оваа недела искористи ја да ги пробаш моите палачинки од лимон и мак. Поинаков освеќителен вкус, а подеднакво лесни за подготовка. Плус, многу вкусни и исто толку здрави. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥞 Палачинки со Лимон и Мак 🥞 Read More »

🍒 Летен „крамбл“ со цреши🍒

крамбл со цреши - Хедер

Што е „крамбл“ со цреши

Да бидам искрена, не знам како е точниот израз за „крамбл“ со цреши на македонски. Баба ми го правеше со вишни, но рецептот не беше овој, сигурна сум дека имаше путер и јајца. Во секој случај, ова колаче мене секогаш ќе ме потсетува на баба ми, а ова е една поздрава варијанта.

Колачево нема додаден шеќер, се прави лесно и е многу освежително и вкусно. Ако не ми верувате, повелете, направете го и пресудете сами.

Од аспект на состојки, вкупно 7, и сите до една супер за вас! А најдоброто од се е чиа џемот од цреши. 😍 Кората е нежна и мека и нема шанси да познаете дека нема ниту брашно ниту путер ниту шеќер!

Рецептов го пишувам во јули, значи сезона на цреши, направете си го колачево и замрзнете си цреши за да моќете да си го правите и во зима.

„крамбл“ со цреши
„крамбл“ со цреши

Како да го направите овој „крамбл“ со цреши

Прво треба да го направите чиа џемот со цреши што всушност ќе ви биде филот. Притоа, доколку не сте правеле чиа џем, без грижи, се прави за 10 минути во едно обично тенџерче и со 3 стотојки – цреши, чиа и јаворов сируп (или засладувач по желба). Можете да го изоставите, но ќе биде прилично кисел.

Подетално објаснување имате во рецептот, но овде на кратко:
1. Ги ставате црешите во тенџерче на оган и го додавате јаворовиот сируп. Варите додека црешите да пуштат течност. Откако ќе омекнат, изгмечење ти го алатка за пире или лажица/вилушка.
2. Додадете го чиа семето и ватере со повремено мешање.
3. Тргнете го од оган и оставете го да се излади и да се згусне

База од овес и бадеми

Тестото за базата е неверојатно нежно и сочно, просто нема да ви се верува дека е само од овес и бадеми. Добро, тука е и путерот од кикирики на crux.mk – според мене, најдобриот путер од кикирики кај нас. Откако ќе го направите тестото за базата, важно е 2/3 да ставите на дното на тавчето и убаво да го натапкате, а 1/3 сочувајте ја за да ја „искршите“ од горе – од таму и терминот „крамбл“ (crumble). Подолу во рецептот ја имате целата постапка.

Океј, вкусни се но дали се здрави?

И вкусни и здрави – секако, доколку ги консумирате умерено. Не се совршено балансирани, ама секогаш можете да направите некој протеински крем или сладолед со индиски ореви и да го послужите во комбинација. Исто така, доколку не сакате цреши, можете да ги направите со малини, боровници, праски (или кое и да е вашето омилено овошје).

Доколку се уште го немаш пробано и направено мојот крамбл со цреши, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се прави едноставно и е супер-вкусен. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍒 Летен „крамбл“ со цреши🍒 Read More »