Marija Marija Marija

Ручек

🍲 Мусака со компири 🍲

мусака од компир - Хедер

Многу сакам мусака! Најмногу ја сакам со модар патлиџан, но и оваа со компири ми е високо на врвот. Вообичаено мусака правам со мојата смеса од леќа, печурки и ореви, но овој пат имав од веганското мелено, па решив да го искористам. И морам да признаам дека излезе превкусна! 13 состојки + зачини и отприлика час и половина за превкусен оброк. Знам, мусака не е од најбрзите оброци, но е дефинитивно многу вкусен и „cosy & comforting“ оброк.

Мене лично мусака секогаш ќе ме потсеќа на баба ми (правеше ненадминлива мусака со модри патлиџани) ама потајно се надевам дека така ќе викаат и за мојата мусака.

Мојата верзија е богата со зеленчук (секогаш може повеќе) и многу, ама многу убав вкус!

мусака со компири

Потеклото на мусака

Сигурна сум дека сите веќе добро знаете, но да се потсетиме. Мусака е јадење на база на модар патлиџан или компир, најчесто со мелено месо. Најмногу се прави (и е најтипична) на Балканот и на Блискиот Исток, но има многу многу локални и регионални варијации. Интересен е фактот дека модерната грчка мусака е создадена во 1920-тите од Николаос Целементес. Најчесто, завршниот слој се прави со крем од млеко и јајце или млеко и брашно (бешамел). Во Грција (а и кај нас) мусаката се прави во неколку слоеви и се служи топла, за ручек. Она што ми беше интересно е, кога ја креирал, Целементес предложил и веганска варијанта за деновите на православниот пост. Исто така, Романија, има веганска верзија и наместо со месо се прави со печурки или мешавина од пржен кромид и ориз.

Верзиите во Египет, Турција и остатокот од Блискиот Исток се сосема различни. Во Египет, messa’aa може да се направи веганска или вегетаријанска, но и со месо. Но, во сите варијанти, главната состојка е пржениот модар патлиџан. Исто ака, во Турција, мусака се состои од тенко исечен и пржен модар патлиџан во сос од месо и домати. А пак, во Саудиска Арабија muṣagga‘a се јаде топла, но во другите арапски земји често се јаде ладна.

А сега, мојата мусака со компири

Мојот завршен слој не е со јајца и брашно, туку крем и млеко од соја. Ја направив со компир и во помалку слоеви, односно компир, фил, компир, прелив и ја јадевме за ручек. Кога ја правам со модар патлиџан, го печам. Преполна е со зеленчук, зачини, а супер шмек и даде и сенфот. Инаку, кога ја правам со модар патлиџан, кратко го печам (не го пржам) но ајде тоа нека биде посебен рецепт, таман со филот од леќа, ореви и печурки.

мусака со компири

И ете така, доколку немате идеја што да зготвите, имате компири и зеленчук, направете си ја одаа мусака. Превкусен ручек што инстантно ќе ве врати во детството или пак ќе ве транспортира во грчка таверна. Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката. И секако, погледнете ја целата категорија ручек, сигурно ќе се инспирирате што да зготвите следно.

Доколку си љубител на мусака, оваа моја верзија навистина многу потсетува на оригиналот. Малку е поздрава бидејќи не е пржена и нема јајца и брашно и направена е со комплетно растителни состојки (месото го заменив со веганско). Вкусна е и дефинитивно вреди да се проба (посебно за време на пости. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍲 Мусака со компири 🍲 Read More »

🍲 Минестроне супа 🍲

Минестроне супа - Хедер

Оваа минестроне супа е совршена за секој период од годината. Затоа што, супа е секогаш добра идеја, нели? Богата е со многу зеленчук и мешунки, а за нив знаеме дека се супер извор на растителен протеин. Плус, се прави во едно тенџере, за 20-тина минути. Многу е вкусна и е супер здрава. Во мојата верзија употребив навистина многу малку масло, што ја прави ниско калорична и одлична и за оние што внимаваат на калорискиот внес.

Од состојките во овој рецепт се добиваат две порции, а една порција има само 371,8 калории и 13 гр. протеин.

Но поважно, одлична е за да изедете многу зеленчук во еден навистина „cosy & comforting“ оброк. А со тоа воедно ќе направите и чистка на зеленчукот во фрижидер, затоа што треба да се направи место за свеж!

минестроне супа

Нешто повеќе за минестроне супа

Минестроне е густа супа што потекнува од Италија, и вообичаено се прави со многу зеленчук, мешунки, месо и тестетнини. Состојките вклучуваат грав, кромид, целер, моркови, лиснат зеленчук, супа, домати, и секако во Италија – пармезан. Интересно е тоа што не постои одреден рецепт за минестроне супа, бидејќи она што е карактеристично за оваа супа е што најчесто се прави од кое било месо и зеленчук што се на располагање.

Фактот што мене ми беше најинтересен е дека веројатно најраното потекло на минестроне супа датира уште од пред ширењето на латинските племиња од Рим, односно уште пред Римско Кралство (подоцна Римска Република и Империја). Тогаш локалната исхрана беила „во главно и по потреба вегетаријанска“ состоејќи се претежно од зеленчук, како што се како кромид, леќа, зелка, лук, грав, печурки, моркови, аспарагус и репа.

Fast-forward до денес

Ми текна дека последен пат минестроне супа јадев лани во Верона, и ми пројави толку убаво чувство што морав да ја направам за да си се присетам на тоа прекрасно патување. И вистина, ем ми испадна превкусна, ем мноогу слична на италијанската, ем ме врати на патувањето, што нели, ми беше и целта.

минестроне супа

И ете така, доколку дома имате многу зеленчук и малку паста, ова е знакот да си направите минестроне супа. Ќе ве најаде, ќе ве стопли и ќе ви ги исполни срцата со италијански дух. Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката. А доколку сакате да се инспирирате со уште вкусни супи, погледнете ги сите што ги имам објавено овде.

Доколку си љубител на супи и доколку дома имаш МНОГУ зеленчук и МАЛКУ паста, тогаш дефинитивно треба да си ја направиш мојата минестроне супа. Многу е вкусна, преполна со зеленчук и супер здрава. Плус, ќе те однесе на мини патување до Италија. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍲 Минестроне супа 🍲 Read More »

🍱 Пролетни ролнички 🍱

полнети ролнички - Хедер

Овој тип на полнети ролнички или попознати како spring rolls (Gỏi cuốn) се традиционално Виетнамско јадење, но се распространети насекаде низ Азија. Се разликуваат од кинеските пролетни ролнички по тоа што овие се свежи, додека кинеските се пржени и полнети со готвен зеленчук (или месо).

Традиционалните виетнамски пролетни ролнички се служат со рибји сос, но вториот сос по избор е со путер од кикирики, каква што верзија си направив и јас. Не проверив каков е оригиналниот рецепт за сосот со путер од кикирики, ама мојава излезе ВРВНА!

Инаку, за пролетни ролнички нема некој посебен рецепт, битно е да имате оризова хартија и свеж зеленчук по желба. Доколку јадете ракчиња, можете да ставите зготвени ракчиња, или пак печено или запржено тофу (димено функционира исто) 😋

пролетни ролнички

И сега, мојата омилена фотка, или суровата реалност – 4 месеци по породувањето, моето летно тело навистина не беше подготвено (иако оптимистички мислев дека ќе биде). Овие пролетни ролнички беа мноооооогу вкусни, но бидејќи ги правам прв пат, мојата проценка е дека треба да се испраксирам со ролањето, па дефинитивно ќе ги направам уште неколку пати.

Инаку, јас ги полнев со:
– Авокадо
– Чери
– Морков
– Краставица
– Маслинки
– Младо кромитче
– Растителен кашкавал
– Марула
– Соба вермичели нудли од хељда
– Димено тофу

*** Сите азиски состојки ги набавив од азиската продавница во Центар

spring rolls

Како да си направите пролетни ролнички?

Инаку, начинот на подготовка го имате на сликите подолу, а кратко видео од подготовката имате и кај мене на инстаграм во reels. ‼️ Она што е клучно во подготовката на пролетни ролнички е, да ја натопите убаво оризовата хартија во млака вода. Потоа, потребано е да ја ставите на влажна површина додека ја полните. Мотањето е вежба!

Заради баланс, мојата препорака, како и секогаш е, да ставите свеж зеленчук во изобилство, извор на протеин како и извор на здрави масти – но доколку го направите мојот сос со путер од кикирики, мастите ви се покриени!


Сос со путер од кикирики

Е сега за сосов! Можам да го опишам само со 1 збор: ЛУДИЛО. Можно е поради мојата опсесија со путер од кикирики, не велам не. Но навистина излезе превкусен. Плус во комбинација со свежите пролетни ролнички беше апсолутна победа. Ме потсети на виетнамскиот сос каков што го паметам и тоа ептен ме израдува! Да не должиме многу, рецептот за сосот е 👇🏻

Доколку и ти како мене многу сакаш да пробаш пролетни ролнички, но никако да направиш, ова е знакот! набави оризова хартија и свеж зеленчук и почни со мотање. А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.

🍱 Пролетни ролнички 🍱 Read More »

🍲 Неколку варијанти пире 🍲

неколку варијанти пире - Хедер
неколку варијанти пире

Една објава – три рецепти: или неколку варијанти пире. Зошто три рецепти? Затоа што се куси, лесни и слични, па да не трошам страни 🤣

Да, знам дека сите сме навикнати да јадеме пире од компир, но кога може да пробаме нешто ново и поинакво, зошто да не, нели? Овие неколку варијанти пире се малку поинакви и со друг зеленчук, односно пире од грашок, од морков, и од цвекло и целер.

Пире од грашок

Прво од овие неколку варијанти пире е моето пире од грашок. Пире од грашок прв пат пробав во Брајтон, бидејќи вакво пире најчесто се служи како прилог на традиционалната порција fish&chips. Уште тогаш ми се допадна многу, но еве, дури сега си го правам, секако, во моја варијанта.

Нема путер и млеко, нема многу состојки а е многу вкусно и со прејака зелена боја! Здраво е, одличен извор на растителни протеини и најважно од се, малку поинакво од пирето што се јаде често. Плус, доколку имате пребирливи јадачи, зелената боја ќе биде дефинитивно примамлива за да го пробаат! И пред да ми пишете од каде е кремот од соја/овес – имате во ДМ и во Лидл ☺️


Пире од Морков

Второ во низата неколку варијанти пире е моето пире од морков. Ова пире од морков прв пат го направив со моите ќофтиња од тофу, и уште тогаш реков рецепт наскоро, ама никако да го објавам. Епа еве сега му дојде редот.

Морков е секогаш добра идеја, и кога имате прилика да го изедете, не ја пропуштајте! Бојата на ова пире е преубаво портокалова а само по себе ова пире е многу здраво и многу, ама многу вкусно!

Можете да го приготвите како прилог на буквално кое било јадење – плус, обидете се да употребите повеќе зеленчуци во разни бои за да добиете чинија виножито!

неколку варијанти пире

Пире од Цвекло и Целер

неколку варијанти пире

Последно од овие неколку варијанти пире е пирето од цвекло и целер. Како и многу други јадења, така и ова пире го направив тестирајки комбинации и вкусови и многу ми се допадна. Има вибрантна розова боја и специфичен, но многу убав вкус. Дефинитивно нешто што треба да се проба. Здраво е, богато со фолат и изобилува со антиоксиданси. Mоже да помогне во намалување на ризикот од срцеви заболувања, подобрување на здравјето на цревата, и намалување на крвниот притисок.

Пире од цвекло и целер јас најчесто комбинирам со стек од карфиол или со крцкаво тофу, но можете да го вклучите во вашата исхрана како прилог со кое било јадење.

Доколку сакаш пире, но исто така сакаш да пробаш и некоја нова варијанта сем онаа традиционалната од компир, еве ти шанса. Во овој пост имаш три варијанти на пире: од грашок, морков и цвеклои целер што дефинитивно треба да ги пробаш. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍲 Неколку варијанти пире 🍲 Read More »

🍑 Освежителна протеинска салата 🍑

освежителна протеинска салата - Хедер
Освежителна протеинска салата

Лето е и сезона на праски, па оттаму и инспирацијата за оваа освежителна протеинска салата. Инаку, многу сакам оброк салати! Одличен доказ за тоа се моите протеински виножито салати. Исто така, често пати знам да искомбинирам овошје во салатите, особено за повеќе антиоксиданси.

Па така и оваа освежителна протеинска салата е една комбинација на зеленчук, легуминозни протеини и… Праски!

Како да си ја направите оваа освежителна протеинска салата

Прво и најважно, одредете кој протеин ќе го користите. Во овој рецепт јас користев леќа и киноа што ги сварив претходно. Следен пат ќе додадам и тофу или темпе, за уште повеќе протеин.

Потоа, додадете листест зеленчук по желба, било да е спанаќ, рукола или марула. Следно се здравите масти, во мојот случај од авокадо и маслинки. Сосем на крај е благата освежителна нота од праските. Оваа салата е лесна, се прави брзо и едноставно и има навистина многу интересен освежителен и летен вкус.

Никогаш доволно од протеини, нели?

Не заборавајте дека и зеленчукот е извор на растителен протеин, а киноата иако по составот е јаглехидрат, ги има сите 9 есенцијални аминокиселини, што ја прави комплетен протеин. Плус јас додадов семе од коноп за да дојдам до 22 грама протеин. Секако, можете да додадете уште некој извор на протеин за уште поголема количина.

Уште една предност на оброк салатите, што не изоставувам да ја потенцирам, е тоа што можат да се направат однапред (без да се зачинат) и да стојат во фрижидер во добро затворен сад, се до моментот на јадење. Ова ги прави погодни за “meal-prep” односно можете да ги јадете дома, на работа или пак во движење, или пак да направите количина за два дена.

Доколку се уште размислуваш што да јадеш утре, направи си освежителна протеинска салата - лесен, шарен, здрав и нутритивно богат оброк што можеш да го јадеш дома, на работа или во движење. И секако, доколку си ја направиш мојата освежителна протеинска, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост

🍑 Освежителна протеинска салата 🍑 Read More »

🍜 Паста со леќа и таан 🍜

Паста со леќа и таан - Хедер

Оваа паста со леќа и таан има потенцијал да стане еден од вашите омилени паста рецепти. Богата е со протеини и диететски влакна, но и со железо, магнезиум, цинк, полифеноли, селен и калциум. Плус, антиоксиданси како бета-каротен и лутеин. Но, освен што е супер нутритивна, оваа паста со леќа и таан е навистина многу вкусна и се прави за помалку од 30 минути.

Богат и кремаст сос е сѐ што ви треба

Мислам дека ќе се сложите дека најважно за еден паста сос е да е сочен и кремаст. Мојата паста со леќа и таан ги исполнува сите овие услови, плус секако е супер здрава!

За поголема протеинска вредност, јас користам паста од леќа, но и од наут ќе биде супер.

паста со леќа и таан
паста со леќа и таан

Исто така, за мене една особено важна работа е зеленило, па така, додадов и малку блитва, а можете да додадете и спанаќ или ќељ – по вкус и секако што ви се наоѓа дома.

Како да ја направите оваа паста од леќа и таан

Прилично лесно и брзо (за време на една пладневна дремка на Каи) што мене во моментов ми е најбитно. Целиот рецепт иначинот на подготовка го имате подолу во овој пост и кај мене на инстаграм во reels, но овде ќе ви објаснам на кратко. Всушност потребни ви се само 6 состојки и зачини по вкус. Набавете си протеинска паста, леќа, зеленчукова коцка за супа, таан, доматнна паста или пире и зелен листест зеленчук. Јас користев блитва. Сосем за крај, најтопло ви препорачувам да си го направите и мојот домашен пармезан затоа што е супер додаток на оваа паста со леќа и таан.

Доколку можете, искомбинирајте со свежа салата од домат или спанаќ, затоа што колку повеќе зеленчук – толку подобро.

Вкусот компензира за изгледот!

Бидејќи ја правев со кафеава леќа оваа паста со леќа и таан не е најфотогеничното јадење што го имам подготвено. Можеби и затоа толку време се двоумев дали да ја објавам или да си ја чувам како дел од моето мени. Но, поради тоа што е многу вкусна и здрава, го занемарувам изгледот и и давам шанса. Подолу во овој пост е целиот рецепт и начинот на подготовка, а фотки ќе објавам и на инстаграм (за жал овој пат немав време за видео).

Воедно, еве и еден предизвик за вас. Доколку ја направите и успеете да добиете поубави фотографии, ве чекам во коментар или на инста-стори.

✨ Чекам да ја пробате и секако, чекам фотки!

паста со леќа и таан
Доколку си љубител на невообичаени паста сосови, и внимаваш на дневниот внес на протеини, тогаш оваа паста со леќа и таан е за тебе! Многу е вкусна, здрава, кремаста и нутритивно богата. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍜 Паста со леќа и таан 🍜 Read More »

🥘 Тофу Фритата 🥘

тофу фритата - Хедер

Оваа тофу фритата е мојата верзија на популарното италијанско јадење. Имено, фритата е италијанско јадење со јајца, слично на омлет или киш без кора. Всушност, фритата се изматени јајца збогатени со состојки како месо, сирења или зеленчук. А самиот зборот frittata е италијански и значи „пржено“.

Поздрава, печена и со многу зеленчук

Иако тофуто го „бие лош глас“ помеѓу општата популација, сепак е многу здраво и богато со растителен протеин (плус, јас секогаш додавам и нутритивен квасец). Во комбинација со обичен и сладок компир, морков, брокула и спанаќ, оваа тофу фритата е одличен предлог за ручек. Па дури може да ја јадете и за појадок. Додадете маслинки или авокадо за здрави масти и свежа салата (ништо без свежа салата) и добијте си супер балансиран оброк.

тофу фритата
тофу фритата

Протеини, витамини, минерали и антиоксиданси

Компирите содржат отпорен скроб, кој може да помогне да се намали инсулинската резистенција. Ова пак, може помогне во контролата на шеќерот во крвта. Исто така, овој скроб во е исхрана за голем број цревни бактерии. Исто така, помагаат во намалување на воспаленијата во дебелото црево, ја подобруваат одбраната на дебелото црево и го намалуваат ризикот од колоректален карцином.

Компирите се богати со витамин ц, битамин б6, калиум, манган, магнезиум, фосфор, ниацин и фолат. А антиоксидансите што ги содржат, може да помогнат при одредени заболувања.

За брокулата, тофуто, спанаќот и слаткиот компир имам пишувано многу пати во претходните рецепти, па за да не се повторувам ќе напишам сумирано: освен то со оваа тофу фритата ќе внесете 5 различни зеленчуци, одлично ќе го нахраните вашето тело!

Играјте си со вкусовите на вашата тофу фритата

Иако јас оваа тофу фритата ја правев со компир, сладок компир, морков, брокула и спанаќ, сепак вие можете да ја направите и со други зеленчуци. Можете да ја направите со млад кромид, пиперки и чери домати. Или пак грашок, пченка и печурки. Слободно, употребете ги омилените зеленчуци и зачини и секој пат можете да имате различен, но подеднакво вкусен оброк. И ова е уште една причина зошто треба да си ја направите мојата тофу фритата. Целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

тофу фритата
Мојата тофу фритата е супер вкусна растителна верзија на познатото италијанско јадење. Доколку си скептик и мислиш дека не е the real deal, те охрабрувам да ја направиш и пробаш - навистина е превкусна, многу здрава и добро избалансирана. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥘 Тофу Фритата 🥘 Read More »

🥦 Протеинска пица од Брокула 🥦

Пица брокула - Хедер

Оваа протеинска пица од брокула е уште еден начин како да вметнете брокула во вашата секојдневна исхрана (особено, доколку дома имате пребирлив јадач што не е љубител на брокула). Едноставно, крстете ја ПИЦАТА НА ХАЛК и веднаш победувате!

За пицава велам протеинска, затоа што ја правев со брашно од наут и тофу. А за брокулата многу пати имам пишувано дека е кралица меѓу зеленчуците, и дека едноставно треба да биде дел од вашата секојдневна исхрана. Што значи, пицава е win-win!

Сепак, познавам многу луѓе што воопшто не можат да јадат брокула (и јас бев меѓу нив до пред 10тина години). Но, кога ќе го пронајдете соодветниот начин на подготовка што ќе ви биде вкусен, држете се до него и јадете ја во таа форма.

Епа оваа протеинска пица од брокула мислам дека е добра форма…

Зошто протеинска пица од брокула

Затоа што по слаткиот компир, цвеклото, наутот, киноата и карфиолот, и дојде ред и на брокулата да ја трансформирам во вкусна и крцкава основа за пица. Плус, една од најзначајните продибивки на брокулата е нејзината содржина на хранливи материи. Богата е со огромен спектар на витамини, минерали, влакна и други биоактивни соединенија. Исто така, брокулата содржи повеќе моќни антиоксиданси коишто можат да го поддржат здравјето на клетките и ткивата во вашето тело. Јадењето брокула може да го намали шеќерот во крвта и да ја подобри контролата на дијабетесот. Најзаслужни за ова се антиоксидансите и диететските влакна што брокулата ги содржи.

Како да ја направите мојата протеинска пица од брокула

Со само 5 состојки, 10 минути за подготовка и 25 минути за печење, оваа пица од брокула е готова брзо и лесно! Брашното од наут и тофуто се извор на протеин, а не заборавајте да додадете и здрави мсти како што е на пример авокадото или маслинки. И така, за само 35 минути ќе имате супер здрав и супер забавен оброк.

И мислам дека не ви треба повеќе убедување. Имајте предвид дека е толку лесна што ја правев буквално ден пред да заминам на породување и официјално ова е мојот последен рецепт правен со меше. Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Сакаш пица а не сакаш брокула? Сакаш пица и сакаш брокула? Во двата случаи ова е рецептот за тебе. Те охрабрувам да ја направиш мојата пица од брокула уште денес, бидејќи е многу здрава и секако, многу вкусна. А, доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥦 Протеинска пица од Брокула 🥦 Read More »

🥬 Пита со Спанаќ и Тофу 🥬

пита со спанаќ и тофу - Хедер

Оваа пита со спанаќ и тофу е мојата верзија на грчката спанакопита. Секако, со растителни состојќи, но не и помалку вкусна од оригиналната. Се прави лесно, пред се поради тоа што користев готови кори од хељда, а полнењето е навистина превкусно. Вообичаено додавам и печурки, но овој пат немав, па ги изоставив.

Инаку, свекрва ми е експерт за пити, и со неа не можам да се споредувам, па моите пити не се совршено замотани, но и тоа е во ред, се додека се вкусни и здрави, нели? Плус, за секоја вештина треба тренинг, па верувам дека со текот на времето ќе се усовршам и јас 🥹

Брз, здрав и избалансиран ручек

Оваа пита со спанаќ и тофу е богата со растителни протеини, но и многу диететски влакна, витамин ц, железо, магнезиум, витамин Е, калиум, калциум и антиоксиданси. Јас секогаш додавам нутритивен квасец, за да ја зголемам протеинската вредност и поради тоа што содржи б12.

Како да ја направите оваа пита со спанаќ и тофу

Прво започнете со подготовка на тофу филот. Измешајте ги сите состојки во подлабок сад, и тргнете ги на страна.

Потоа, продинстајте го младото кромитче и лукот и додадете го спанаќот – со тоа го подготвувате и филот од спанаќ. Можете да користите свеж или замрзнат спанаќ, само трудете се да е убаво исцеден.

Откако спанаќ-филот е готов, оставете го да се олади и додадете го во тофу филот, заедно со зачините, нането и сокот и кората од лимон.

пита со спанаќ и тофу

Последната етапа е филувањето и „ролањето“. Јас користев малку маслиново, но можете да користите и мешавина од маслиново и кисела вода за премачкување на корите. Процесот е следен:

пита со спанаќ и тофу

Доколку готовката ви подзвуќи комплицирано, без грижи. Чим јас можам да ја правам, верувајте, секој може. Ниту е тешко, ниту комплицирано – а резултатот е 😍😍😍

Оваа пита со спанаќ и тофу е навистина превкусна и супер здрава! Целиот рецепт и начинот на подготовка е објаснет подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Земате лист кора, го премачкувате со малку маслиново, ставате уште еден лист, филувате, ролате, мотате во крукче, редите на тава обложена со хартија за печење, повторувате.
пита со спанаќ и тофу
Доколку ти се јаде пита, дефинитивно направи ја оваа пита со спанаќ и тофу. Многу потсеќа на грчката спанакопита, па можеби и да е повкусна. Не е мрсна (внимаваме на маслото, нели) а богата е со протеини, витамини, минерали и антиоксиданси. Секако, доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🥬 Пита со Спанаќ и Тофу 🥬 Read More »

🧆 Тофу Ќофтиња 🧆

тофу ќофтиња - Хедер
тофу ќофтиња

Со моите тофу ќофтиња сега можете да јадете ќофтиња, но без месо. Слично како и моите ќофтиња од леќа, така и овие се прават брзо и лесно со многу едноставни, здрави и целосни состојки. Но поважно, многу се вкусни, здрави, задоволувачки и полни со растителни протеини.

Тофу во секое време

Тофу се трудам да јадам често, бидејќи е супер извор на растителни протеини. И како што неколку пати сум кажала: мааната на тофуто е што нема вкус, а предноста на тофуто е што нема вкус. Можеби звучи чудно, но, тофуто ќе ви биде онолку вкусно колку што ќе го зачините и приготвите. Еве некои од моите супер рецепти со тофу:

1️⃣ Тофу кајгана
2️⃣ Тофу омлет
3️⃣ Грчка салата со тофу и авокадо
4️⃣ Матено тофу намаз

Да се вратиме на моите тофу ќофтиња

Зошто да ги направите?

Затоа што се супер вкусни и супер здрави. Прво, тофуто е извор на антиоксиданси. Богато е со изофлавони, па игра улога во намалувањето на нивото на холестерол и го поддржува здравјето на срцето, односно може да придонесе во заштита од одредени срцеви заболувања. Од останатите придобивки на тофуто:

  1. може да помогне да се намали губењето на коскената маса или да се зголеми минералната густина во коските
  2. може да ја подобри меморијата, вниманието, брзината на обработка на податоците како и целокупната функција на мозокот кај некои возрасни
  3. може да помогне во намалување на симптомите на менопауза, како што се заморот, нарушувањето во расположението и топлите бранови
  4. може да го намали ризикот од развој на депресија за време на бременоста и до 28%

Како да ги направите?

Одговорот на ова прашање веќе го знаете. Како и повеќето од моите рецепти, така и овие тофу ќофтиња се прават многу брзо и лесно. Се што ви е потребно е процесор за храна или сецко за да можете убаво да ги сомелете состојките и да ги соедините.

Имаат вкупно 9 состојки, од кои 3 се зачини 😀 Дополнително, освен протеините во тофуто, овие тофу ќофтиња имаат протеини и од брашното од наут и од нутритивниот квасец. И практично, тоа се состојките.

Инаку, можете да ги печете во air-fryer, во рерна или пак доколку сакате можете да ги пропржите на маслиново. Можете да ги подготвите и сервирате со доматен (или маринара) сос, пире од компири или како во мојот случај со пире од морков (рецепт наскоро) Целиот рецепт и начинот на подготовка ви е напишан подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш ќофтиња, но не јадеш мелено месо или едноставно сакаш да пробаш нешто ново, пробај ги моите тофу ќофтиња. Те охрабрувам, бидејќи се супер вкусни и многу здрави. Плус, богати со протеин. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧆 Тофу Ќофтиња 🧆 Read More »

🥙 „Месо“ од Киноа и Леќа 🥙

Пред да добијам коментари како не може да има месо од кино и леќа – апсолутно се сложувам. Затоа се наводниците. Ова „месо“ од киноа и леќа, не е месо, но дефинитивно потсеќа и е ОДЛИЧНО особено за во такоси, бурито и останати врапови. Јас го јадев и со рижото а може да се јаде со печен или варен компир или едноставно само со салата. Практично – на ист начин како што би јаделе мелено месо.

Ситните и моќни зрнца

И леќата и киноата спаѓаат во групата храна богата со растителни протеини. И за двете имам пишувано во неколку наврати, па сега може само малку да сумирам:

Леќа

Кај нас има два вида – зелена (кафена) и црвена. Двете подеднакво здрави и вкусни и без некоја позначајна разлика во начинот на подготовка.

„месо“ од киноа и леќа

Во однос на нутритивни вредности

Во 100 грама леќа има 116 калории, 0,4 грама масти, 20 грама јаглехидрати, од кои 8 грама диететски влакна и 9 грама протеин. Плус, содржи многу витамини и минерали.

Во однос на здравствени придобивки

Поради тоа што е богата со влакна, фолат и калиум леќата помага во справување со крвниот притисок и холестеролот. Одличен извор е на железо и витамин Б1 којшо помага за здравјето на срцето.

„месо“ од киноа и леќа

Останати рецепти со Леќа

  1. Тортиљи/Врапови од леќа
  2. Чили леќа
  3. Ќофтиња од леќа
  4. Лепче од леќа
  5. Ролат од леќа

Киноа

Иако постојат неколку видови киноа (бела, црна, црвена, шарена) кај нас е најзастапена белата киноа. Јас ја употребувам многу често (пред се поради нејзините нутритивни вредности).

Останати рецепти со Киноа

  1. Гранола со киноа
  2. Барови со амарант и киноа
  3. Чоколадна киноа торта
  4. Тортиљи/врапови од киноа
  5. Тенки палачинки од киноа
  6. Печена киноа
  7. Киноа пица
  8. Полнети пиперки со киноа
  9. Колаче од киноа и овес
  10. Воздушести палачинки

Зошто да го направите ова „месо“ од киноа и леќа

Освен поради многуте здравствени придобивки и одличните нутритивни вредности? 🤨🤔 Океј, дефинитивно не е најбрзиот рецепт (бидејќи захтева претходно варење на леќата и киноата) ама е многу вкусна алтернатива на меленото месо – коешто знаеме дека воопшто не е здраво, нели? Плус, моето „месо“ од киноа и леќа е супер за сите што постат (можете да го ставите во мусака, во петок) и за сите оние што сакаат малку да намалат со јадење на месо. Мене и првите две причини ми се сосем доволни, но знам дека има некои на кои им треба повеќе убедување. Оставам на вас да одлучите…

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.

Ова е една одлична замена за мелено месо. Моето „месо“ од киноа и леќа е супер здраво, така што навистина ве охрабрувам да го пробате. Плус, супер е што може да ви биде додаток во еден куп оброци, коишто вообичаено ги правите со мелено месо. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥙 „Месо“ од Киноа и Леќа 🥙 Read More »

🌮 Врапови/Тортиљи од Семки тиква 🌮

врапови/тортиљи од семки тиква - Хедер

Овие врапови/тортиљи од семки тиква се уште еден начин како да си направите тортиљи дома. Се прават многу брзо и се многу здрави и со буквално 3 состојки (од кои едната е вода). Одлична опција се за појадок, ручек а супер се и за вечера. Плус, семките тиква се одлични за вас, па еве уште еден забавен и креативен начин како да ги внесете во вашата исхрана.

Инаку, доколку пролистате на мојата веб страна, во категоријата тортиљи и врапови ќе најдете уште неколку здрави и забавни опции за да си направите тортиљи дома. Ве охрабрувам и препорачувам да ги пробате сите.

Инаку, и овие врапови/тортиљи од семки тиква можете да ги јадете и во солена и во блага варијанта. Тоа ќе зависи од зачините што ќе им ги додадете додека ги подготвувате. Јас не им додадов никаков зачин, но, доколку сакате да ги направите солени можете да им додадете сол, и зачини по желба.

Богати со протеини и диететски влакна, овие врапови/тортиљи од семки тиква се супер здрави за вашето здравје.

Врапови/Тортиљи од семки тиква
Врапови/Тортиљи од семки тиква

Зошто врапови/тортиљи од семки тиква?

Како за почеток, затоа што семките од тиква се супер здрави. Еве и зошто:

👉🏻 Семките од тиква се богати со витамини и минерали како манган и витамин К, коишто се играат важна улога во процесот на заздравување на раните.

👌🏻 Содржат цинк, минерал што му помага на имунолошкиот систем да се бори против бактериите и вирусите.

💪🏻 Одличен извор се на фосфор и железо.

👏🏻 Богати се со антиоксиданси како флавоноиди и фенолни киселини. Содржат мали количини на витамин Е и каротеноиди што можат да помогнат во намалување на воспаленијата.

Уште придобивки од семки тиква

Семките од тиква се еден од најдобрите природни извори на магнезиум, минерал кој често недостасува во нашата исхрана. Магнезиумот е потребен за повеќе од 600 хемиски реакции во телото. Внесување на доволно количество на магнезиум е исто така важно за:
☝🏻 контролирање на крвниот притисок
✌🏻 намалување на ризикот од срцеви заболувања
👍🏻 формирање и одржување на здрави коски
🫰🏻 регулирање на нивото на шеќер во крвта

И ете така, полека но сигурно ги оправдавме причините зошто да ги направите овие врапови/тортиљи од семки тиква. Имајте на ум дека најважно за да ги направите е – нелепливо тавче. Не го занемарувајте ова! А за полнењето – оставам на вас. Мојата препорака, како и секој пат, е да ги наполните со извор на протеин, свеж зеленчук со што ќе ги избалансирате и ќе добиете комплетен и здрав оброк.

И тоа е тоа, целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.

Ова е уште една забавна варијанта за домашни и здрави тортиљи/врапови - овој пат од семки тиква. Многу се здрави, така што навистина ве охрабрувам да. ги направите. Плус, доколку не додадете зачини можете да ги јадете и во солена и во слатка варијанта. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🌮 Врапови/Тортиљи од Семки тиква 🌮 Read More »