Marija Marija Marija

🍓 Брауни со Малини 🍓

брауни со малини - Хедер
брауни со малини

Ова брауни со малини е еден многу стар рецепт (уште од 2011, пред да имам сајт) и го правев како дел од серијалот „10 браунис од овошје, зеченчук и цели зрна“. Епа 5 години подоцна, еве ги сите, едно по едно на сајт. Плус, Каи мораше да го проба и сакаше заедно да го правиме па немав избор 🙂

Инаку, постојат десерти што ги јадеме „набрзина“, со чувство дека правиме нешто погрешно. Но, постојат десерти што ги јадеме свесно, со уживање, баланс и благодарност. Епа, ова брауни со малини се токму такво.

Совршена комбинација од богато чоколадо и освежителна, киселкаста малина. Длабоко, сочно, меко одвнатре, со текстура што се топи во уста. А сепак, направено од состојки што го поддржуваат телото, наместо да го оптоваруваат. Целиот рецепт е подолу во оваа објава, а имате и кратко видео од подготовката, кај мене на инстаграм во reels

И пак ќе повторам, многу сум среќна што буквално во секој мој рецепт има многу овошје или зеленчук (понекогаш и тоа и тоа).

Како да го направите ова брауни со малини

Браунито има вкупно 8 состојки и се прави многу лесно, во еден сад. Јас како мајка и жена што работи неколку работи, сметам дека не смееме да бидеме робови на оброци што се подготвуваат со саати. За мене колку побрзо, толку подобро. Бонус е ако нема многу садови за миење :))

Е сега, од нутриционистички аспект, како некој што работи со жени кои сакаат да намалат тежина без рестрикции и казни, верувам во едно правило:
кога десертот е направен со квалитетни целосни состојки, тој станува дел од балансиран начин на исхрана, секако во модерација.

Па така, доколку си во фаза на регулирање на тежина, намалување на воспаление или едноставно сакаш подобар однос со храната, ваквите рецепти се мостот помеѓу „сакам нешто благо“ и „сакам да се чувствувам добро“. Затоа што јас не верувам во елиминација. Јас верувам во подобри избори.

брауни со малини
брауни со малини

Зошто баш комбинацијата чоколадо и малина?

Кога го подготвував серијалот „10 браунис од овошје, зеченчук и цели зрна“ немав идеја што конкретно правам, само сакав да ги прибам сите чудни комбинации на овошје, зеленлук и цели зрна што можат да бидат брауни. И ова ми беше меѓу фаворитите.

Чоколадото дава длабочина, богатство и чувство на сатисфакција. Малините додаваат свежина, природна сладост и лесна киселост што го балансира вкусот.

И не е само вкусот во прашање. Малините се богати со:

  • антиоксиданси
  • растителни влакна
  • природни фитонутриенти

Комбинацијата со квалитетно какао создава десерт што е интензивен по вкус, но не претежок за дигестијата.

Доколку сакаш поздраво благо, длабок, интензивен чоколаден вкус што во исто време ќе те освежи, тогаш моето брауни со малини е совршено за тебе. Многу е вкусно, и сочно и се прави навистина лесно и брзо. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍓 Брауни со Малини 🍓

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење35 minutes
Вкупно време45 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна
  • хартија за печење
  • тавче за печење

Состојки

  • 2 шољи малини
  • ½ шоља какао
  • 2 шољи овесно брашно
  • 200 гр црно чоколадо растопено
  • 1 с.л. ванила екстракт
  • 2 с.л. путер од лешник
  • ½ к.л. прашок за печиво
  • ½ к.л. сода бикарбона

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 170.
  • Малините оставете ги убаво да се одмрзнат во блендер и кога ќе бидат потполно одмрзнати изблендајте ги додека да добиете пире (без семки, значи многу блендање).
  • Стопете го чоколадото и додајте го, заедно со останатите состојќи во пирето од малини.
  • Блендајте додека се да се измеша убаво и да се добие тесто.
  • Иистурете во тавче за печење обложено со хартија за печење.
  • Додајте ги екстра смрзнатите малини.
  • Печете 35/40 минути додека чепкалката да ви излезе сува. Оставете комплетно да се олади. 

Вкупно парчиња: 16 парчиња
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 146,4 kcal
Протеини: 3,45 гр.
Јаглехидрати: 13,25 гр.
Масти: 7,68 гр.
Влакна: 4,44 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .