
Бомбици немам направено кујзнае од кога, па овие бомбици со морков настанаа спонтано, бидејќи дете Каи одеше по мене и викаше „Каи сака чоколадо“ а пустиот, чоколадо нема пробано 🤣. Практично, имав урми, јатки и моркови па решив да му направам брзо и здраво „чоколадо“ во форма на бомбица. Ги проба и заборави на чоколадото и викаше „Каи сака бобинца“ Ете… кратка приказна од моето секојдневие или како настанаа овие бомбици со морков во неколку реченици.
И како и сите мои десерти (и оброци) така и овие, се прават многу брзо, можете да ги правите заедно со вашите деца, и секако се многу подобра варијанта отколку некој купечки десерт. Ако ништо друго, имаат морков (што не се чувствува) 😃😃
Имаат вкупно 10 сестојки (можете да ги направите и со помалку), а целиот рецепт е подолу во овој пост. Плус, имам и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
Зошто да ги направите овие бомбици со морков



Веќе набројав неколку причини, но ајде for the sake of argument, да набројам уште неколку. Значи освен што се многу вкусни, се прават многу брзо и лесно, одобрени за мали јадачи, не се преблаги, овие бомбици со морков исто така се:
- Природен извор на енергија – идеални како ужина пред или по вежбање.
- Поддржуваат имунитет и варење.
- Ги негуваат срцето и мозокот.
- Помагаат со фокус и концентрација.
- Здрава алтернатива на слатки – без додаден шеќер, вештачки ароми или конзерванси.
- Практични за на работа, училиште или патување.
А еве и зошто:
🌰 Ореви
- Богати со здрави масти (омега-3 и омега-6) кои го поддржуваат здравјето на срцето.
- Извор на протеини, влакна, и антиоксиданси.
- Ја подобруваат функцијата на мозокот и помагаат во регулирање на холестеролот.
🌴 Урми
- Природен засладувач, полн со влакна што помагаат на дигестијата.
- Содржат железо, магнезиум, и витамин Б6, важни за енергија и нервен систем.
- Даваат брза енергија без нагли осцилации на шеќерот во крвта.
🥕 Морков
- Богат со бета-каротен (провитамин А), важен за здрави очи и кожа.
- Природен антиоксиданс кој го зајакнува имунитетот.
- Ниска калорична вредност, но богат со хранливи материи.

🥥 Кокос
- Содржи лауринска киселина која има антивирусно и антибактериско дејство.
- Добар извор на влакна и здрави масти за долготрајна ситост.
🌾 Овес
- Богат со бета-глукан, вид на влакна што го намалува холестеролот и ги стабилизира шеќерите во крвта.
- Поддржува здраво варење и дава чувство на ситост.
- Идеален за одржување на енергија низ денот.
🥜 Путер од бадем
- Полн со витамин Е, антиоксиданс кој го штити телото од оксидативен стрес.
- Богат со здрави масти, калциум, магнезиум и протеини.
- Одлична опција за поддршка на мускулите и коските.


Доколку ти се јаде благо, ама не многу благо, сакаш десерт, ама да е благ, тогаш овие бомбици со морков се совршениот избор за тебе! Ги исполнуваат сите услови: брзи се, лесни, здрави, полни со енергија, плус секако, супервкусни! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🥕 Бомбици со Морков 🥕
Oпрема
- процесор за храна
Состојки
- 7 Урми, меки доколку не се меки и сочни, потопете ги кратко во врела вода
- 2 Моркови поголеми
- ⅓ шоља Ореви
- ⅓ шоља Пекани може да се заменат со ореви или лешници
- 2 с.л. Ленено семе мелено
- ⅔ шоља Кокос
- ⅔ шоља Овесни снегулки
- ¼ шоља Путер од бадем
- 1 с.л. Ванила екстракт
- 2 к.л. Цимет
Инструкции
- Ставете ги состојките во процесор за храна и блендајте.
- Јас вообичаено прво ги мелам јатките, па морковот, па урмите заедно со останатите состојки.
- Откако ќе добиете хомогена смеса, формирајте топчиња и извалкајте ги во кокос, какао или растопено чоколадо – по желба!
Вкупно парчиња: 20
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 168 kcal
Протеини: 3,3 гр.
Јаглехидрати: 13,58 гр.
Масти: 10,39 гр.
Влакна: 3,97 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

