Marija Marija Marija

🍎 Есенски бомбици со јаболка 🍎

Бомбици со Јаболка - Хедер
бомбици со јаболка

Јаболката, циметот и оревите ми се како мала магија во кујната: потсетник на детството, на мирисот од колачињата на баба. Па овие есенски бомбици со јаболка се токму тоа: едноставен, здрав десерт што ја носи целата есен во едно моќно и здраво залче.

Плус, овие есенски бомбици со јаболка супер начин да внесете сезонски состојки во еден многу лесен, хранлив и природно засладен десерт. Не се печат и немаат никаков вештачки шеќери (само урми) и вкус што го храни телото и ја буди душата.

Но ако сум реална, овие бомбици ги направив пред сѐ за Каи. Затоа што обожава бомбици! Па, за мене нема поголема мотивација да експериментирам со вкусови и да знам дека јаде квалитетна ужинка.

Но, ако сум исто така реалана… Не ги јадеше само Каи 😋 затоа што се навистина АМА НАВИСТИНА многу вкусни и декадентни!

Зошто овие бомбици со јаболка?

Покрај тоа што се неверојатно вкусни, овие бомбици се вистинска нутритивна бомбичка. Богати се со омега-3 масни киселини, кои помагаат во јакнење на имунитетот и одржување на здравјето на мозокот и срцето. Ова е особено важно во есенскиот период кога телото природно бара поддршка и енергија. Урмите носат природна енергија и влакна. А јаболкото и портокалот додаваат витамини и антиоксиданси што го освежуваат телото и ја поддржуваат неговата природна енергија.

Вкус на есен во едно залче

И уште еднаш, тука сум да ви покажам дека здравата храна не мора да е комплицирана. Овие бомбици со јаболка се доказ дека со само неколку целосни состојки, малку време и желба, може да имаш ужинка или десерт што ќе те врати во баланс.

Овие есенски бомбици со јаболка се совршени за кога сакаш брза, хранлива ужинка што ќе те засити, ќе ти даде енергија и ќе те потсети дека есента не е само сезона на промени, туку и на грижа за себе.

Од оваа доза излегуваат 16 поголеми бомбици. Целиот рецепт го имаа подолу во постов а кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео од подготовката.

бомбици со јаболка
Доколку сакаш all-things-autumn и сакаш здрави, брзи и едноставни бомбици, овие бомбици со јаболка се совршени за тебе. Те охрабрувам да ги направиш, бидејќи иммат неодолив есенски вкус што се топи во уста. ! А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍎 Есенски Бомбици со Јаболка 🍎

Време на подготовка15 minutes
Ладење30 minutes
Вкупно време45 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна

Состојки

  • 1 шоља Ореви тостирани
  • ½ шоља Пекани замена, Бадеми
  • 1 с.л. Чиа семе
  • 2 с.л. Ванила екстракт
  • 1 к.л. Цимет
  • 1 шоља Урми доколку се суви, натопени во врела вода 10 мин.
  • 2 с.л. Сок од портокал + кора
  • 1 мало Јаболко излупено
  • 2 с.л. Овесно брашно по потреба, доколку смесата е многу влажна
  • 50 гр. црно чоколадо за прелив, опционално

Инструкции

  • Истостирајте ги оревите и во процесор за храна изблендајте ги заедно со пеканите и чиата.
  • Додадете ги останатите состојки и блендајте додека да добиете хомогена смеса.
  • Овесното брашно додајте го по потреба, односно само доколку смесата е многу влажна.
  • Оставете ја смесата да отстои 10 мин пред да формирате топчиња.
  • Бомбиците ставете ги во замрзнувач да се стегнат пред да ги полиете со чоколадо, а потоа уште малку во фрижидер.
  • Доколку не ги полевате со чоколадо, можете да ги ставите директно во фрижидер.

Вкупно порции: 16
(препорачана порција: 1 бомбицa)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 133,05 kcal
Протеини: 2,1 gr.
Јаглехидрати: 8,9 gr.
Масти: 9,6 gr.
Влакна: 2 gr.

* к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

Оставете коментар

Your email address will not be published. Потребните полиња се обележани со *