Инаку, ова е мојот втор куглоф со лимон и афион. Првиот (потполно ист рецепт) се распадна при вадење. Два дена подоцна од распаднатион прв, се обидов повторно! Епа од втора, куглофот излезе цел. Знам дека навидум не е совршен, но е мноооогу вкусен! А верувам дека третото правење ќе биде уште подобар. Ете, тоа е она што секојдневно ме мотивира и инспирира. Разликата помеѓу тоа каде сум сега и тоа каде ќе бидам утре, задутре, после еден месец. Поради тоа одбирам да јадам здрава, растителна храна богата со многу зеленчук, овошје, мешунки и јатки. Затоа вежбам секој ден. Поради тоа и медитирам, читам, учам и се едуцирам за здрав и долговечен живот.
А сега, да се вратиме на овој куглоф со лимон и афион.… Прво и доста важно – нема глутен! А второ и уште поважно, МНОГУ е вкусен, лимонаст и воопшто не преблаг. Совршено, ама вистински совршено оди со кафе или чај.
Една објава – два рецепти
Многу сакам синтеза на вкусови и комбинација од состојки. Па така во оваа објава всушност имате уште еден рецепт а тоа е фростингот што го направив за куглофот. Секако дека куглофот можете да го направите и без него, но фростингот е дефинитивно голем плус и додаток на вкусот.
Иако рецептов е во форма на куглоф, слободно можете да си го направите и во обично тавче за колаче – ќе биде подеднакво вкусен! Инаку има убава крцкава кора (печењето ќе ви зависи од рерната) а внатре е многу мек. Вкусот на лимон многу освежува, додека афионот му дава дополнителна крцкавост.
Доколку се уште го немаш пробано овој куглоф со лимон и афион, еве прилика да го направиш! Те охрабрувам, бидејќи е навистина вкусен. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🥮 Безглутенски куглоф со лимон и афион 🥮
Oпрема
- силиконска модла или тавче за куглоф или обично тавче
- хартија за печење
Состојки
За куглоф:
- 1¼ шоља мелени бадеми
- 1¼ шоља безглутенско брашно (јас користев по 50 грама кокос, овес и хељда)
- ¼ шоља кокосово масло растопено
- ¾ шоља растително млеко
- Кора и сок од 2 поголеми (и сочни) лимони
- 12 с.л. јаворов сируп ако користите друг засладувач, прилаодете ја количината
- 1 с.л. екстракт од ванила
- прстофат сол
- 3 с.л. семе од афион
- 2 с.л. прашок за печиво
- ¼ к.л. сода бикарбона
За фростинг:
- 60 гр. индиски ореви, накиснати во зовриена вода барем 20 мин
- 3 с.л. јаворов сируп ако користите друг засладувач, намалете ја количината
- сок и кора од 1 поголем лимон
Инструкции
- Загрејте ја рерната на 180.
- Во поголем сад измешајте ги стопеното кокосово масло, млекото, сокот од лимон, лимоновата кора, засладувачот, ванилата, афионот и бадемите.
- Расејте го брашното низ ситна цедалка или сито и додадете го во смесата, а потоа и прашокот за печење и содата.
- Убаво измешајте додека да добиете еднолична смеса (доколку ви се чини суво, капнете уште малку млеко).
- Претурете ја смесата во тавче за печење обожено со хартија за печење (или како мене, во убаво намастен куглоф) и печете 35/40 минути односно додека не добие златна боја.
- Оставете го убаво да се излади пред да го извадите и пред да му ставите од фростингот.
- За да го направите фростингот, процедете ги киснетите индиски ореви и блендајте ги во процесор заедно со останатите состојки.
Вкупно парчиња: 15
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .