
На оваа азиска краставица салата ме „навлече“ една пријателка од Кореја што живее во Холандија. Во април ни беа на гости, и дискутиравме во што се користам гочуџанг (gochujang) сос (а јас го користам во доста јадења). Разменувајќи рецепти доцна навечер, ме праша дали ги имам состојките (нормално ги имав, затоа што се од тоа редовно користам во други комбинации) и во 22 часот навечер, Суџи го направи сосов. Советот беше: утре стави го врз краставица.
И следниот ден, направив како што ми кажаа, и… Крцкава, освежителна и со совршен баланс помеѓу пикантно, солено и благо, оваа азиска краставица салата се подготвува за неколку минути, е 🔥🔥
Иако навидум краставицата е главната состојка, сепак, ѕвездата во оваа азиска краставица салата е сосот. Целиот рецепт е подолу во објавава а кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео од подготовката.
Зошто баш оваа азиска краставица салата
Пред се поради тоа што се прави многу лесно, но особено поради гочуџанг (gochujang) сосот. Оваа корејска ферментирана паста од чили додава длабочина, умами вкус и пријатна лутина што ја прави салатата неверојатно вкусна и по малце „addictive“. Сосот е прилично едноставен, и се прави лесно (но е пикантно лут) и да бидам искрена, толку е вкусен што буквално сакаш да го ставиш на сè. Буквално „по една лажица од сите состојки“ или со минимална адаптација по вкус.



Оброк или прилог
Она што најмногу го сакам кај оваа азиска краставица салата е што може да биде и прилог и лесен оброк. Одлично оди со ориз, тофу, нудкли или како освежувачка салата покрај нешто крцкаво и топло. А ако сакаш уште повеќе текстура и вкус (yes, please!), додади млад кромид или кршени кикирики одозгора.
Покрај тоа што е вкусна, оваа салата е и полна со бенефити. Краставицата помага за хидратација, лукот и ферментираните состојки од gochujang пастата имаат посебен вкус и карактер, а целиот рецепт е лесен, брз и идеален за денови кога и немаш баш многу време за готвење.
Следниот ппат дефинитивно ќе. додадам и тофу за протеини, а си задавам предизвик да видиме во што се ќе го употребам овој сос 🙂

Ако сакаш рецепти што се едноставни, а сепак полни со вкус и карактер, оваа азиска краставица салата сигурно ќе ти стане нов фаворит. Брза е, освежителна и совршен доказ дека и наједноставните состојки можат да создадат нешто навистина посебно. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🥒 Азиска Краставица Салата 🥒
Состојки
Сос
- 1 с.л. Гочуџанг сос (gochujang)
- 1 с.л. Соја сос
- 1 с.л. Сусамово масло
- 1 с.л. Оризов оцет може и 2, ако сакаш покисело
- ½ с.л. Мед или кафеав шеќер
- 2 месечинки Лук
- 1 с.л. Сусам
Салата
- 1 Краставица
- 2-3 Млади кромитчиња
- шака Кикирики дробиени, опционално
Инструкции
- Сите состојки за сосот се мешаат во сад и се ставаат во фрижидер (мене ми е најдобро преку ноќ).
- Сечкате краставица и кромид, преливате со сос, мешате и јадете.
Вкупно парчиња: 1 салата
(препорачана порција: 1 салата)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 282,6 kcal
Протеини: 5,9 гр.
Јаглехидрати: 17,3 гр.
Масти: 20,2 гр.
Влакна: 5,5 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

